24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

11 милиони долари грант од САД за Северна Македонија

Република Северна Македонија ја доби втората транша во висина од 11 милиони долари од грантот од САД наменет за развојната цел „Република Северна Македонија е просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.

По тој повод денеска се одржа средба на која учествуваа заменик-министерката за финансии, Ширет Елези и претставник на УСАИД во Северна Македонија, Ненси Годфри. На средбата беше потпишан аандман на Договорот за грант меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Соединетите Американски Држави претставувани од Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД.

Со склучување на овој Амандман, УСАИД го зголеми и планираниот износ на средства за оваа развојна цел на 25,5 милиони долари.

Елези истакна дека договорот е од особена важност за нашата држава. „Средствата се наменети за активности што ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството“, нагласи таа.

На денешното потпишување беше истакнато дека проектите имаат за цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно окружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност.

„За да се промовира учеството на граѓаните, програмите ќе го поддржат јакнењето на граѓанското општество и зголемувањето на професионалноста на независните медиуми. Со цел зајакнување на доброто владеење, обезбедуваме помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. И на крајот, во насока на зајакнување на врските меѓу заедниците, со овие средства се поддржуваат активности кои ќе ја подобрaт меѓуетничката интеграција и ќе го зголемaт вклучувањето на маргинализираните групи во општеството“, беше заклучено на состанокот.