3. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши: Голем интерес кај инвеститорите за изградба на фотоволтаици

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска присуствуваше на почетокот на отворањето на понудите од јавниот оглас за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи. Јавниот оглас беше објавен на 10 јуни и согласно крајниот рок 30 август пристигнати се вкупно 82 понуди од домашни и странски компании за двете локации во Свети Николе и Македонски Брод.

„Нашата заложба како Влада и истовремено како Министерство за економија е да го промовираме и да го поттикнуваме производство на струја од обновливи извори на енергија. Кога го донесовме новиот Законот за енергетика го променивме моделот на кој ќе се фокусираме во иднина за производство на електрична енергија и тогаш многу луѓе беа скептични дека овој модел нема да успее. Денеска се докажува спротивното со тоа што е многу голем интересот од компаниите кои учествуваат на овој јавен повик да изградат нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори во Северна Македонија и тие капацитети да бидат во согласност со начелата за заштита на животната средина. Во Министерството за економија заклучно крајниот рок се пристигнати 82 понуди од различни компании и, како што најавивме при објавувањето на јавниот оглас, денеска сме тука да спроведеме најтранспарентна можна постапка каде јавно ќе се отвараат понудите“, истакна Бектеши.

Критериум за избор на најповолната понуда е понудена најниска фиксна премија, а инвеститорот во понудата за локацијата неопходно требаше да достави и придружна документација со која ќе ги докаже личната состојба, способноста за вршење на професионална дејност, и економско-финансиската способност.

Право да достави понуда имаше секое заинтересирано домашно трговско друштво запишано во Централниот регистар, како и странско правно лице кое врши стопанска дејност врз основа на упис во соодветниот регистар во земјата каде што е основано и кое подигнало тендерска документација, информираше Бектеши.

Јавниот оглас за доделување договор за право на користење премија на електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на државно земјиште во вкупна моќност од 35 мегавати беше објавен на 10 јуни. Беа понудени две локации, едната во Азембегово-Свети Николе, а другата во Манастирец-Македонски Брод.