25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Витаминка ќе стипендира студенти на Машински и на Факултетот за електротехника и информациски технологии

Витаминка ќе додели 4 целосни стипендии за додипломски студии за академската 2019/2020 година. Стипендиите ќе се доделат по две на Машинскиот факултет во Скопје, и тоа во некоја од насоките производно инженерство; материјали, процеси и иновации; индустриско инженерство и менаџмент; мехатроника; автоматизација и управувачки системи. Другите две стипендии ќе бидат за кандидатите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, односно некоја од насоките електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија; електроенергетика, управување и менаџмент.

Со доделувањето стипендии Витаминка има за цел да ги поттикне младите да го изградат својот професионален профил во некоја од техничките насоки и ги повикуваат да се пријават на конкурсот.

„Доделувањето стипендии е во склоп со нашата корпоративна одговорност и со компаниската филозофија за значењето на стручното високо образование како и константната потреба од вакви кадри за производните процеси. Токму затоа, стипендиите се лоцирани во машинските и електротехнички насоки, каде што веруваме дека има големи капацитети и уште поголеми потреби, а сето тоа отвора и многу можности за образованите академски граѓани да станат професионалци“, велат од компанијата.

Кандидатите треба да ги исполнуваат критериумите од конкурсот, да покажат желба и амбиција за образување во овие области. Студентите кои ќе ги добијат стипендиите ќе бидат обврзани за редовно студирање и запишување на семестрите како и на задолжителна феријална пракса во Витаминка, во текот на летниот период во траење од најмалку 30 (триесет) дена.