25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: Денеска заврши обвинителската и политичката кариера на Јанева

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција соопшти дека денеска и официјално завршува обвинителската и политичката кариера на првиот соработник на Зоран Заев, тоа е Катица Јанева.

„Завршува обвинителската кариера на Јанева за која премиерот Заев тврдеше дека е човек со кредибилитет позади кој самиот тој Зоран Заев седи и го поддржува. Неговата одлука беше Катица Јанева да биде и унапредена во државен јавен обвинител.

Приведувањето на Катица Јанева е чекор што требаше да се случи уште првиот ден кога излезе скандалот ‘Рекет’. Овој временски простор што го имаше од излегувањето на скандалот ‘Рекет’, до денес поминаа повеќе од 40 дена, е простор во кој Катица Јанева имаше време да брише докази, да крие докази, да влијае врз сведоци и да работи сè друго во своја корист.

Според она што до сега беше видено, Јанева е само една алка од синџирот на организиран криминал и корупција што во моментов го гледаме во Република Македонија преку случајот ‘Рекет’.

Скандалозно, па дури и смешно е тврдењето на Јавното обвинителство дека двајцата осомничени барале 8 милиони евра, а Катица Јанева, која ја завршила практично главната работа за којашто биле барани парите, зела само предмети во вредност од 4.500 евра. Скандалозно, смешно и потценувачки за интелигенцијата на граѓаните коишто самите видоа како се одвиваше целиот случај на рекетирање.

Сè додека не се стигне до главните инспиратори и нарачатели, да се дознае улогата на политичарите, на Кики, на Фрики, на Шеки, на главата на октоподот Зоки Поки, нема да има правда во Република Македонија.

Уште од почеток предупредувавме доколку Зоран Заев процени дека тој е самиот загрозен, ќе се откаже од сите свои луѓе само за да се спаси себеси и својата кожа.

Апсењето на Катица Јанева не смее да се претвори во акција за спас на кариерата на Зоран Заев, кој е целосно компромитиран и разнишан. Затоа потребно е да се знае која била улогата на Кики, која била улогата на Фрики, која била улогата на сите оние коишто потпишуваа меморандуми и беа блиски соработници на ‘Меѓународен сојуз’, која е хуманитарна фондација на еден од осомничените, точно да се знае одговорноста на главата на криминалниот октопод.

Што знае Заев за овој случај и да се утврди каде се парите земени од рекетот? Дали во оваа афера се вмешани и други обвинители кои се дел од урнисаното СЈО, кое нанесува неправда наместо да донесе правда во Република Македонија, за што и беше формирано.

Воедно, Катица Јанева нанесе срам не само на кредибилитетот на обвинителниот систем, туку нанесе срам и на самата правда во Република Македонија, ги изневери сите оние луѓе кои веруваа дека оваа власт ќе донесе правда.

Таа ги изневери и меѓународните претставници кои веруваа во неа и ѝ даваа поддршка, беа присутни на прес-конференциите на ова корумпирано и под политички диктат обвинителство врз кое директна надлежност имаше Зоран Заев. Ако мисли дека вака ќе се спаси главата на октоподот, тогаш се лаже.

Правда ќе има, и таа мора да дојде. Зашто тоа не е прашање на избор, туку единствена нужност што во моментот е потребна во Република Македонија“, заклучи Арсовски.