10. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи и Димитров во посета на Данска

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска се во посета на Копенхаген, Кралството Данска, при што имаа одделни средби со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод, како и со Вибеке Пастернак Јоргенсен, главна советничка за европски прашања на премиерката Мете Фредериксен.

На средбите Османи и Димитров реферирале за политичките актуелности во земјата, за постигнатиот напредок во клучните реформски области во создавањето на добрососедските односи, но и во зацврстувањето на внатрешната стабилност како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври оваа година.

„Потврдувањето на успехот на нашата приказна, со сите предизвици, но и демонстрирана упорност за нивно надминување, ќе претставува заслужено подавање рака за почеток на продлабоченото европско патување, но и валидација за европската перспектива на регионот“, истакна Димитров.

Во слична насока вицепремиерот Османи посочи дека Владата е во целост фокусирана на подготовката и создавањето услови за успешен почеток на преговорите: „Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области и натаму останува приоритет на Владата и во периодот што претстои преземаме обврска да испорачаме дополнителни резултати, со кои ќе ја потврдиме нашата подготвеност за почеток на преговорите оваа година“, потенцира Османи.

Османи и Димитров се осврнаа и на последните актуелности поврзани со случајот „Рекет“ пренесувајќи го ставот на Владата за безусловна поддршка на истражните и правосудните органи во насока на целосно, непристрасно, ефикасно и транспарентно расчистување со овој случај, без разлика кон кого ќе води, задржувајќи го со тоа и успехот од досега постигнатиот напредок во оваа област. Во истиот контекст Османи и Димитров потсетија дека преговорите за идниот статус на СЈО се водат активно меѓу парламентарните партии и изразија очекување дека и оваа реформа навремено ќе биде завршена, со цел квалитетно заокружување на институционалната поставеност на земјата за борба против организираниот криминал и корупцијата.