22.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонија и Бугарија ќе ја зајакнуваат регионалната соработка

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и министерката за регионален развој и урбанизам на Република Бугарија, Петра Аврамова, денеска во Скопје го потпишаа меморандумот за соработка меѓу двете министерства.

Милевски истакна дека потпишувањето на овој меморандум е резултат на имплементацијата на договорот за пријателство, соработка и добрососедство, потпишан меѓу владите на двете земји, кој предвидува воспоставување соработка во областа на европската и евро-атлантската интеграција заради успешна подготовка на нашата држава за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО преку споделување искуство, знаење и добри пракси и за таа цел договорот ги поттикнува претставниците на органите на државната управа, но и локалните власти и граѓаните од двете земји, на поблиска соработка, средби и контакти.

„Во духот на добрососедските и пријателски односи меѓу двете земји, во духот на европските вредности и регионалната соработка, Министерството за локална самоуправа и Министерството за регионален развој и урбанизам на Бугарија со потпишувањето на меморандумот ќе воспостават институционална соработка за зајакнување на капацитетите и подобрување на функционалноста во областите на регионалниот развој, прекуграничната соработка и локалната самоуправа. Корисни ќе ни бидат знаењето и искуството на колегите од соседна Бугарија во имплементирањето на европските политики и проекти. Нашето поголемо учество во регионалната политика на Европската Унија како држава ќе значи и поголеми средства за поттикнување на развојот на целата територија на државата“, рече министерот Милески.

Министерката Петја Аврамова истакна дека Република Бугарија и Република Северна Македонија соработуваат во многу значајни области, а меморандумот е потврда за одличната соработка меѓу двете држави и двете министерства.

„Воспоставениот политички дијалог ќе даде уште посилен импулс на сите полиња на соработка. Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, потпишан меѓу владите на двете земји, предвидува прагматична соработка, како, на пример, унапредување на инфраструктурната комуникација. Убедени сме дека поврзувањето преку патната инфраструктура е најважниот аспект за регионалниот развој, како што е изградбата на Коридорот 8, а размената на искуство и експертиза ќе доведе и до зајакнување на институционалните капацитети“, рече министерката Аврамова.

Двајцата министри ја истакнаа и досегашната соработка во областа на прекуграничната соработка финансирана преку ИПА-програмата на Европската Унија, во рамките на која во вториот програмски период на располагање на двете држави се ставени 19,5 милиони евра од Европската Унија. Во фаза на реализација веќе се 48 проекти, а пред еден месец во Софија се потпишани договори за имплементација на нови 17 проекти.

Спонзорирано: