24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сугарески: Во моментов се работи на преку 550 километри патна мрежа низ државата

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, денеска извршија увид во градежните активности за рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Свети Николе.

Првите десет километри од патот веќе се завршени со претходен проект, а во моментов се работи на 32 километри асфалтирање на патот.

Министерот за транспорт и врски, Сугарески изрази задоволство од динамиката на изградбата на патната инфраструктура во државата. Во Куманово, нагласи тој, се работи интензивно на повеќе патни правци, од кои дел се завршени, како Куманово-Опае, но државните и магистралните патишта околу Куманово.

По сите основи, рече министерот Сугарески, во Куманово се инвестираат околу 60 милиони евра дел во патната инфраструктура, дел во комуналната инфраструктура, проекти кои се реализираат преку министерството.

– Она што на почетокот го најавувавме тоа се остварува, низ целата држава се работи во делот на подобрување , реконструкција и изградба на патната инфраструктура во државата. Во моментов се работи на преку 550 километри патна мрежа низ државата, тоа е видливо, граѓаните можат да го видат и што е најбитно може да го почувствуваат, бидејќи се подобрува патната инфраструктура, изјави Сугарески.

Тој рече дека е предвидено да се реконструираат уште 450 километри низ државата, и до крајот на сезоната се очекува преку јавното претпријатие, по различни основи, кредитни линии и изворни средства преку Македонија пат, целосно да се подобри патната инфраструктура и да се обезбеди побрз, побезбеден транспорт за граѓаните.

– Остануваме посветени, ќе работиме интензивно. Тука сакам да потенцирам дека се интензивирани активностите во делот на железничката пруга Куманово-Бељаковце, очекуваме некаде на почетокот на следната година тој дел да заврши и од наредната година веќе да отпочне градењето на втората делница Бељаковце до Крива Паланка. Остануваме посветени, се надевам дека се она што е планирано согласно буџетите, согласно буџетот на ЈПДП дека навистина ќе бидат реализирани сите активности предвидени во владината програма, изјави Сугарески.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Китанов изјави дека овие патишта не се реконструирани педесет години.

– Патот Куманово-Свети Николе од 42 километри, десет километри комплетно е завршен, 15 километри е завршен со прв слој на асфалт, а од следната недела се почнува целосно со вториот слој. изјави Китанов.

Рокот за реконструкција бил предвиден до на пролет, но изведувачите ги информирале надлежните дека целосно 42 километри дека ќе бидат завршени порано.

Китанов нагласи дека околу Куманово се рехабилитираат околу 100 до 120 километри, регионални патишта, меѓу нив патот Куманово-Опае е завршен и се чека да се постави сигнализацијата, 10 километри од Пелинце- Нагоричане се завршени, а до крајот на месецов ќе се изградат петте дополнителни километри до граничниот премин.

Се работи и на патот Куманово-Никуштак, отпочната е реконструкцијата Ранковце-Крива Паланка, кон крајот на август, најави Китанов, ќе заврши тендерот и ќе почне да се работи Страцин-Ранковце, а од септември-октомври ќе почне да се работи и Куманово-Страцин кој се спроведува преку ИПА и ќе заврши согласно временските услови.

– Комплетно ќе биде завршен и делот од Куманово до Крива Паланка и делот од Куманово до Свети Николе и како што напоменав, и Опае-Никуштак, Матечје-Липково ќе бидат завршени оваа градежна сезона, изјави Китанов.

Тој најави дека ќе се реконструираат и мостови кои не биле рехабилитирани со децении, напомнувајќи дека во моментов тендерска постапка тече за мостовите на Пчиња кај Доброшане и кај Драгоманце.

– На градежниот факултет завршува ревизијата за рехабилитација на големиот Искрин Мост кој е многу обемен. Предвидената вредност ќе биде околу два, два и пол милиони евра, бидејќи се работи за обемна реконструкција, изјави Китанов.

Гребенит асфалт, додаде Китанов, се користи од градоначалниците за тампонирање на патишта во руралните средини.

Кумановскиот градоначалник, Димитриевски се заблагодари за капиталните инвестиции од државата, од Министерството за транспорт и врски и јавното претпријатие за државни патишта.

– Куманово вакви инвестиции немало одамна, ова е еден од доказите дека Македонија му се одолжува на Куманово преку Владата и воедно ги охрабрувам да продолжат така, изјави Димитриевски.

Гребениот асфалт е даден на користење на Општината, која ги тампонира локалните патишта во руралните средини. – Од патиштата бенефит имаат граѓаните, рече Димитриевски.

Тој се заблагодари и до изведувачите, бидејќи работат брзо и не прават застој во сообраќајот.

Димитриевски потенцира дека интензивно се гради трасата на коридорот за пругата, која поминува низ градот, дека се реконструирани два моста, а се уште се рехабилитира мостот пред влезот на населбата „Перо Чичо“. Тој апелираше до граѓаните да имаат трпение за контролираниот сообраќаен застој, бидејќи се изведува капитален проект.