Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Пораст на трошоците за живот во јули

Државниот завод за статистика објави дека трошоците на живот во јули бележат раст од 0,8 отсто во однос на јули минатата година, а цените на мало 0,7 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 4.8 проценти, маслото и маснотиите за 2.1 отсто, лебот и житата за 1.7 проценти, другите млечни производи за 0.6 проценти, житата за 0.4 отсто, трбушките, сирењето и урдата, сувото овошје и јаткастите производи за 0.3 проценти, месото, свежата и разладената риба, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, другите прехранбени производи за 0.2 отсто.

Во јули 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот исто така е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 25.4 проценти, информатичката опрема за 7.8 отсто, туристичките пакет-аранжмани за 4.7 отсто, услугите за сместување за 2.0 проценти, автомобилите за 1.5 отсто, велосипедите за 1.3 отсто, другите медицински производи за 0.7 проценти, лековите за 0.5 проценти, малите електрични апарати за домаќинствата за 0.4 отсто, цврстите горива за домаќинствата, теписите и другите покривки за под за 0.3 отсто, средствата за чистење и одржување на станот, другите услуги за опремата за сопствен превоз, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0.2 проценти.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 7.0 проценти, другите пекарски производи за 0.3 и јајцата за 0.2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ромовите, филмовите за 13.7 проценти, гасот за домаќинствата за 4.1 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 2.6 проценти, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 1.4 отсто, обувките за 1.2 проценти , градините, растенијата и цвеќињата за 1.1 отсто, течните горива за домаќинствата за 1.0 проценти, ткаенините, книгите за 0.8 отсто, мебелот и покуќнината, големите електрични апарати за домаќинствата за 0.4 отсто, телефонските и телефаксапаратите и телефонските и телефакс-услугите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0.3 отсто.

Индексот на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со јули 2018 година, бележи пораст од 0.8 проценти, а индексот на цените на мало бележи пораст од 0.7 проценти.