23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Костадинов со жестока реакција до Христијан Мицкоски: Бројките го демантираат Мицкоски, имаме реален економски напредок, маката на ВМРО-ДПМНЕ е што сега парите завршуваат кај граѓаните

Последната прес конференција на Христијан Мицкоски не е ништо друго, освен уште еден доказ за очајната состојба во рамки ВМРО-ДПМНЕ во обид да го одбрани по секоја цена криминалот на Никола Груевски, рече Костадин Костадинов од СДСМ на прес конференција оддржана попладнево.

– Маката на Мицкоски е што сега парите завршуваат кај граѓаните, преку поврат на 15% од платениот ДДВ, укинување на радиодифузната такса, ефтината тарифа на струјата, намалување на казните, зголемување на платите, зелена нафта и многу други мерки.

Порано парите одеа во стиропор, бели дворци, исушени палми и жални врби, во џебовите на фамилијата.

После економската катастрофа што ја остави 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ по демократските промени имаме реален, вистински и силен економски напредок.

Ова се фактите:

ВМРО-ДПМНЕ ги остави граѓаните и фирмите во сиромаштија, а економијата во минус од 1,8 отсто. Денес растот на БДП изнесува рекордни 4,1 отсто!

За само една година, странските директни инвестиции пораснаа за 260 отсто, односно од 205 милиони во 2017 година на 737 милиони долари во 2018 година. Тоа е јасно наведено во „Извештајот за инвестициите во светот 2019″ на Конференцијата на ОН.

Реализирани и во фаза на реализација се 20 странски инвестиции во Индустриските зони и надвор од нив со проектирани над 4,800 вработувања.

Во 2018 година рекорден број на компании, над 250, домашни и странски, добија финансиска поддршка, а Владата по неколку основи кон стопанството уплати 40,7 милиони евра.

Покрај инвестициите растат и платите. Просечната нето плата во мај 2017 година последниот месец од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ изнесуваше 22.889 денари. Годинава во месец мај таа изнесува 25.270 денари, што е пораст за 10,4 проценти временски период од две години.

Позитивната економска клима резултираше со нови работни места и намалување на стапката на невработеност на рекордни 17,8 отсто. За две години реализирани се 49.552 вработувања, доминантно во приватниот сектор.

Наместо да ја чита само книгата на Никола Груевски, го упатуваме Христијан Мицкоски да го причита Извештајот на Светската трговска организација кој потврдува огромен економски напредок на нашата земја, споредбено од 2012 до 2018 година.

Ревизијата на СТО констатира раст во сите економски области.

Бруто домашниот производ во периодот на ревизија на СТО, по глава на жител порасна за повеќе од 40% (2013 споредено со 2018 година).

Со шпекулациите во бројки кои ги изнесува Мицкоски ги подрива институциите, за што очекуваме да се изјасни НБМ.

Не е точно она што го говори Мицкоски за приходите и даноците. Зголемена е наплата на приходите во буџетот во јули оваа година за 7,4 отсто, а најголем дел од тоа е од зголемувањето кај Данокот на додадена вредност од 18,3 отсто.

Подобрената наплата на ДДВ, заедно со одличната наплата на персоналниот данок каде има зголемување над 14 отсто, на акцизите за 33 отсто, како и на придонесите за 11,3 отсто, придонесуваат наплатата на вкупните приходи во јули да биде повисока за 16 отсто во однос на лани.

Бројките го демантираат Мицкоски, уште многу ќе треба да учи економија, рече Костадинов.