За да обезбеди сеопфатни сознанија за состојбите во телевизиската и во радиската индустрија за претходната година, Агенцијата изработи Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година. Анализата ги опфаќа податоците за економското работење на Јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните телевизии и радија и податоци од мерењата на гледаноста и слушаноста на ТВ и радиостаниците.
Во 2018 година продолжил падот на вкупните приходи во индустријата. Во споредба со претходната година, приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,44 проценти, на комерцијалните телевизии за 4,52, а на комерцијалните радиостаници за 3,60 отсто.
Приходите од реклами коишто заедно ги оствариле сите радиодифузери изнесувале 1.346,06 милиони денари, и во споредба со претходната година, бележат пад за 2,71 проценти. Од нив 34,33 милиони денари биле приходите на Македонската радио-телевизија, 1.203,95 милиони денари на комерцијалните телевизии и 107,78 милиони денари на комерцијалните радиостаници.
Трошоците кои заедно ги направиле сите радиодифузери во 2018 година изнесувале 2,537.52 милиони денари, од кои 971,03 милиони денари биле трошоците на Македонската радио-телевизија, 1,419.56 милиони денари на комерцијалните телевизии и 146,93 милиони денари на комерцијалните радиостаници.
На крајот на годината, финансискиот резулат од работењето на сите три сегменти на индустријата – јавниот сервис и комерцијалните телевизии и радија бил негативен, односно загуба во износ од 96,91 милиони денари. Македонската радио-телевизија за прв пат по пет години прикажала загуба од работењето.
Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година е достапна на www.avmu.mk.