13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев – Рикер: Опозицијата да учествува во донесувањето на законот за јавно обвинителство

За да не бидат доведени во ризик перспективите на Република Северна Македонија и на нејзините граѓани, сега е момент уште еднаш да се заземе конструктивна улога и опозицијата да учествува во донесувањето на предлог-законот за јавно обвинителство за да се придвижат работите во пресрет на најавите на ЕУ за одлука за старт на преговорите, е пораката од заедничката прес-конференција на премиерот Зоран Заев и амбасадорот Филип Рикер, вршител на должноста помошник-државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија.

Заев истакна дека на средбата со амбасадорот Рикер е потврден заедничкиот интерес за натамошно интензивирање на билатералната политичка и економска соработка, на темелите на Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и САД, и за реализацијата на заеднички споделуваните вредности и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот.

„Како партнери ги делиме и заеднички ги креираме активностите во борбата против тероризмот и другите закани за мирот и сигурноста во светот. Заеднички се радуваме и на успесите на двете земји, како и на перспективите што се отвораат со скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО. Досега 21 земја го ратификуваа протоколот за пристапување во НАТО. Соединетите Американски Држави го почнаа овој процес и во нивниот Сенат и очекуваме дека во септември или октомври, оваа постапка да биде завршена“, истакна Заев.

Тој нагласи дека земјата е целосно посветена на реформската агенда на ЕУ и достави конкретни резултати во 4 области, како што беше побарано од заклучоците на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во соработка со опозицијата.

„Отворени сме, и тоа постојано го повторуваме, и за последниот заеднички исчекор со опозицијата во усвојувањето на предлог-законот за јавно обвинителство за да ѝ покажеме на меѓународната заедница дека сме единствени кога станува збор за нашите стратешки интереси. Сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната одлука за старт на преговорите. Никој не сака нови разочарување и изневерени ветувања. Ниту во ЕУ, ниту дома, ниту во регионот. Сите го очекуваат признанието за исполнетите демократски реформи, за најдобро можните решенија за прашањата со соседите, и за определбата на нашата земја да биде дел од западниот демократски свет. Тоа е нашиот пат, тоа е добриот пат“, рече премиерот.

Амбасадорот Рикер од своја страна информираше за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД и додаде дека наскоро и Сенатот ќе ја прифати оваа ратификација на пленарна седница и дека тоа доаѓа како признание за сите остварувања на земјата во последните две години.

Тој потенцира дека САД ги поттикнуваат земјите членки на ЕУ да ги отворат преговорите со Северна Македонија оваа есен и дека во таа насока ќе биде добредојдено усвојувањето на законот за јавното обвинителство со поддршка на опозицијата со парламентот како уште еден придонес за правната држава и владеењето на правото.

Спонзорирано: