22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита задоволен од измените во Законот за здравствена заштита

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита ги поздравува усвоените измени во Законот за здравствена заштита, бидејќи сметааат дека истите за крајна цел ќе имаат подобра здравствена заштита и поквалитетни здравствени услуги, посебно што се носат во услови како последица и одговор во недостигот на лекари специјалисти.

„Посебно ја поздравуваме отвореноста за соработка со Министерството за здравство, а уште повеќе со министерот за здравство, доц. д-р. Венко Филипче, кој покажа слух, интерес и волја за разрешување на проблемите и подобрување на состојбите во здравството. Сметаме дека е значајно што се дава и можност за консултативни ангажмани на пензионираните лекари во улога на советување за одредени специфики и одредени можни настанати компликации“, велат од Синдикатот.

Од таму ја поздравуваат и измената за дополнителна дејност, но, сепак, што се однесува до ангажирањето на лекарите специјалисти со дополнителна дејност надвор од матичната установа, во друга ЈЗУ и во друг град, Самостојниот синдикат за здравство останува на ставот дека истото треба да се реализира со согласност на лекарот.

„За поздравување се измените поврзани со специјализациите, односно промената на времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршување на специјализацијата, како и промената во висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако пред време ја напушти установата. Станува збор за позитивни промени и среќни сме за видното задоволство искажано од ЗЛС како засегната страна. Позитивна е и измената за склучување на договор меѓу здравствените установи за уредување на меѓусебните права и обврски за начинот на вршење на специјалистичко-консултативните услуги при упатување на здравствен работник, односно соработник. Правата и обврските коишто произлегуваат од упатувањето треба да се концизни, а со договорот кој се предвидува со измените во ЗЗЗ истото ќе биде возможно. Како Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, сметаме дека законските измени ќе бидат во насока на подобра здравствена заштита и поквалитетни здравствени услуги, вклучувајќи и подобри работни услови“, се наведува во соопштението.