25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Министерката Апостолска ја посети фабрика „Кромберг и Шуберт“ во Жабени

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, ja посети компанијата „Кромберг и Шуберт“, која работи во индустриската зона Жабени во Битола. Во рамки на посетата министерката Апостолска направи обиколка на компанијата и се запозна со производствените процеси и начинот на организација на работата.

Апостолска имаше и работен состанок со Уве Шилинг, технички директор, и Тања Милисковиќ, комерцијален директор на компанијата. Министерката Апостолска пред менаџментот на компанијата истакна дека Владата работи како партнер на бизнисот, посветена на градење стабилно и предвидливо деловно опкружување со силна институционална грижа за надминување на сите предизвици, а со цел обезбедување непречена работа на странските компании во земјава и нивно стимулирање за реализирање нови инвестициски проекти.

„Преку законски втемелени економски политики на стимулација и конкретна поддршка на странските компании за реализација на нови инвестиции, Владата спроведува јасна визија за индустријализација на земјава и креирање нови и добро платени работни места. Странските компании, како што е и случајот со Кромберг и Шуберт, се значаен фактор во овие владини определби и во смисла што внесуваат современа технологија и напредни менаџерски знаења, односно отвораат потенцијал и за развој на човечкиот капитал“, рече министерката Апостолска и изразувајќи задоволство за економските бенефиции кои компанијата ги дава за Пелагонискиот Регион испрати порака на охрабрување до менаџментот за продолжување на инвестициските активности.

Министерката Апостолска од страна на менаџментот на компанијата беше запознаена со реализираните и тековни проекти на производство на кабелски снопови кои се користат од страна на реномирани компании од автомобилската индустрија.

„Во изминатите години постојано расте бројот на вработените и во моментов компанијата има над 6.400 вработени, што ја прави една од најголемите работодавачи во Северна Македонија. Грижата за вработените во компанијата е главната водилка на Кромберг и Шуберт, а фактот дека во оваа компанија се вработени граѓани од целиот Пелагониски Регион и пошироко, компанијата е позната и по многуте добротворни акции и придонеси во здравството и образованието пред сè како и во другите сфери од животот“, беше порачано од страна на менаџментот на средбата со министерката Апостолска.