24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

(Видео) Заев и Анѓушев до германските компании: Ова е вистинско време за инвестиции во Северна Македонија

Политичките и демократските промени во земјата, за кои Северна Македонија ги доби најголемите признанија од ЕУ и меѓународната заедница, вклучително и најновата безусловна препорака на Европската комисија за старт на преговорите со ЕУ со отворање на поглавјата, создадоа и поволна клима за економски развој и средина која има сериозна поддршка за странските инвеститори, Заев ги информираше извршните директори и членови на управните одбори од германските компании .

Претседателот на Владата, Зоран Заев, и заменик-претседателот во Владата задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска на работната средба со претставници на дел од најголемите компании од Германија разговараа за потенцијалите за соработка и за инвестиции во Северна Македонија.

„Постигнатите резултати од 4,1% раст на БДП во првиот квартал од годината, за разлика од рецесијата од -1,8% во истиот квартал пред две години, растот на индустриското производство и падот на невработеноста за речиси 5% за две години, се само дел од резултатите што ги дава поддршката на владините политики за поддршка на бизнисот. Заедно со бизнисмените од комерцијалниот сектор создаваме услови бизнисот да прави профит, но и да го забрза развојот на земјата“, истакна премиерот Заев и додаде дека и понатаму ќе продолжат политиките за реформи на јавната администрација за да биде сервис за бизнисот и граѓаните.

Анѓушев, пак, порача дека сега е вистинско време за инвестирање во Северна Македонија.

„Државната поддршката за странските инвеститори оди до 50% од вкупната инвестиција на инвеститорите по повеќе основи. Уште повеќе нашите политики обезбедуваат предвидлива и одржлива средина за старт и за развој на инвестициите. Поддршката на домашните компании ги прави соодветни партнери на странските компании, а условите што ги креираме во трговските и индустриските развојни зони обезбедуваат европски стандарди за компаниите што сакаат да почнат ‘гринфилд инвестиција’, нагласи вицепремиерот Анѓушев, и додаде дека силна препорака за нови инвестиции се компаниите што веќе работат во Северна Македонија кои доаѓаат од САД, Канада, СР Германија, Австрија, Грција и од други развиени земји.

Претставниците на германските компании, членови на управни одбори и извршни директори, од телекомуникациите, енергетиката, трговијата, од информатичката и фармацевтската индустрија, ги истакнаа досегашните позитивни искуства од соработката со Северна Македонија и со компаниите од земјата и се согласија дека позитивниот севкупен развој отвора нови перспективи за соработка и за нови инвестиции.