Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и со градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, во населбата Хиподром.
Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме текстот од изјавата дадена за медиумите на Премиерот Заев.
„Драго ми е што еве денеска сме во посета на пуштање на ова ОУ Вера Јоциќ, кое што претставува нов објект, еден од многуте објекти коишто се градат во државата. Тоа е едно од 4-те основни училишта коишто се изградени во последниот период.
Дополнително, покрај овие 4, во тек е изградба на уште 2 нови. Заедно со министерот договаравме да ги посетиме, за да ја забрзаме динамиката на нивната изградба, во текот на летото.
Посебно ми е драго што овде старите објекти, бараките коишто беа повеќе од 40 години, конечно ќе бидат заменети со овој прекрасен простор за учење на основците, на основно одделенците, каде што во овој објект буквално ќе учат повеќе од 520 дечиња.
Драго ми е што сите овие капитални инвестиции во образованието ги овозможуваме и ги подобруваме условите во основното образование. Инвестираме паралелно во спортските сали, коишто многу често се комплементарен дел на основните и на средните училишта.
Но секако се реконструираат и многу стари училиште. Во моментот се реконструираат 8 стари основни училишта. Тоа значи дека некаде преку 4500-тини дечиња само од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти, во нови училишни клупи.
Паралелно со тоа знаете дека, секоја година се трудиме да ги мотивираме наставниците, преку порастот на платите. А со министерот и со стручната јавност, помогнати од меѓународните организации веќе ја отворивме и дебатата за сериозни реформи во основното образование, како и во средното образование. Дебатата е отворена. Веќе и јас имам одредени сугестии, министерот работи со работни групи.
Рековме дека не го брзаме процесот заради тоа што навистина сакаме суштинските реформи да бидат прикладни и за времето во коешто живееме, но и за потребите на завршените ученици со нивното образование, за полесно наоѓање на работа.
Верувам дека ќе успееме во сите овие реформски процеси во нашето образование, заради тоа што образованието е високо на агендата на очекувањата на граѓаните. Верувам дека со ваквите постапки, со финансиската стабилност на државата се повеќе и повеќе ќе имаме задоволство кај граѓаните“.