22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Народна банка: Поволни поместувања во економијата

Монетарната поставеност соодветна на постојните економски и финансиски услови, а економските фундаменти се здрави и без присуство на нерамнотежи во економијата, заклучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на својата редовна седница.

-По намалувањето на каматната стапка во март, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи каматната стапка на благајничките записи да остане на истото ниво од 2,25 отсто. Исто така, на седницата се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 15 мај 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари, соопштуваат од Народната банка.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, при што заклучи дека економските фундаменти се здрави и без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи, според Комитетот, е видливо преку стабилната инфлација и поволната надворешна позиција, околности што придонесуваат за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годинава. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата, според Комитетот, упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, од Народната банка наведуваат дека по релативно солидниот раст на економијата во 2018 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, при истовремен натамошен, но поумерен раст кај градежништвото.

Просечна годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци изнесува 1,4 отсто, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5 отсто за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега од Народната банка се оценуваат како урамнотежени.

Бројот на показателите од надворешниот сектор е ограничен, но досега расположливите податоци упатуваат на релативно поволна надворешна позиција. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели остануваат во сигурната зона.

Кај монетарните движења, како што стои во соопштението, забележан е солиден месечен прираст кај вкупните депозити, што во еден дел произлегува од растот на штедењето на домаќинствата, а делумно е одраз и на растот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар, во април продолжен е месечниот раст на кредитите, при раст на кредитирањето и на домаќинствата и на корпоративниот сектор.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, банките имале релативно мала потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити, при натамошно зголемување на денарската ликвидност на банкарскиот систем, која и натаму е насочувана кон расположливите депозити кај Народната банка, што овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Растот на ликвидните средства во банкарскиот систем во овој период, и покрај сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина, според Народната банка е поврзан со ликвидносниот ефект на трансакциите на државата и интервенциите на Народната банка за откуп на 29 милиони евра.

Релативно високиот откуп на девизи од страна на Народната банка е остварен во услови на сезонски зголемена понуда на девизи на менувачкиот пазар пред велигденските празници и пониска месечна нето-побарувачка на девизна ликвидност од фирмите.

Комитетот ги нагласува неповолните ризици од надворешното окружување, особено оние предизвикани од неизвесноста поврзана со растечките трговски тензии.

Народната банка и во следниот период ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици во контекст на поставеноста на монетарната политика.