20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Ноќ на литературата во Културно-информативниот центар во Софија

Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, на Осмата европска ноќ на литературата – 2019, што ќе се одржи на 15 мај, од 18 до 22 часот, на различни места („гнезда“) низ Софија, ќе се претставува во Националниот студентски дом, сала „Репетициона 304“, кат 3, плоштад Народно собрание 10 во Софија.

Актерите Игор Дамјанов и Ѓорги Георгиев – Антика ќе читаат делови од книгата „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ од младиот македонски писател Стефан Марковски.
Приказната на романот е структурирана во шест дела во кои вајарот и скулптор Максимилијан Комнениус создава бронзени статуи посветени на шесте типови љубов – Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе, минувајќи низ различни фази од животот, односно сонот и јавето, човечкото и божественото.

Максимилијан халуцинира девојка по име Катја, која синтетизира своевидна отелотворена инспирација и возвишена љубов. Вајарот е зависен од сопствената халуцинација и склучува договор, чија цел е халуцинациите да станат пореални и повивидни, што ултимативно би довело до тоа таа да се претопи во неговата реалност во замена за совршена изработка на шесте статуи.

Паралелно на ова, во романот е прикажан и неговиот социјален живот и дружбата со Џими, заробен во недоумици поради сопствени психолошки проблеми и животни перипетии, што е еден од наведувачките фактори кои ја задаваат склоноста за експериментирање со наркотици. Овде се вклучени и активностите на музичкиот бенд „Сагитариус“, од кој, покрај Џими, дел е и русокосата Марјана, пријателка на Максимилијан.

Паралелно со ова се случуваат немили настани и исчезнувања на девојки за кои полицијата разоткрива дека на еден или друг начин се поврзани со настапите на бендот.
Орнаментираниот и полиасоцијативен стил на раскажување е една од помоќните алатки со кои авторот нè воведува во приказната. Променливиот раскажувач во различни сегменти од романескното дејство на различни начини се преплетува меѓу субјективен и објективен, оставајќи го читателот самостојно да сфати во кои мигови од дејството раскажува објективниот наратор, а во кои Максимилијан.

Романот „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ со својата деликатна, повеќеслојна структура што го прави пристапен до различни нивоа за различни типови читатели е, како што би рекол Јордан Плевнеш, „пресвртнички чин во тековите на новата македонска проза, кој би можел да биде сведен на Прозонема или роман во една реченица или, пак, во Роман-Река што може да ги однесе во духовна поплава сите негови идни читатели заедно со авторот“. Овој роман е прва објава на книга од Марковски на бугарски јазик.

Спонзорирано: