Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Светски медиуми: Северна Македонија му се спротивставува на национализмот

Германските весници денеска даваат портрет на Стево Пендаровски, претставувајќи го како човек кој не е занесеник и оценуваат дека „левичарите на југоистокот од континентот се добри Европејци.“, пренесува Дојче Веле на Македонски.

– Весникот „Тагесцајтунг“ во текстот со наслов „Преку глава“, оценува дека „Северна Македонија му се спротивставува на национализмот“ и наведува дека на првите избори по промената на името на земјата победи „јасен про-Европеец“. Тоа е „горчлив пораз за популистите и шанса за земјата за приклучување во ЕУ“, се вели во поднасловот на текстот посветен на изборите во Македонија.

Авторот Ерих Ратфелдер навраќајќи се на протестите против „режимот на Никола Груевски“ од 2016 година, кој „како и сите владетели на Балканот сакаше да го имитира Путин“, пишува дека на улица излегле сите, не само социјалдемократите, туку „и модерни движења, жени, хомосексуалци, етнички малцинства, како и Роми“.

„Излегоа и Албанци, не само оние организирани во партии, туку обични луѓе на кои им беше преку глава од национализам“, пишува „Тагесцајтунг“, наведувајќи дека „режимот беше урнат и земјата повторно доби европска перспектива“.

„Со изборната победа на Стево Пендаровски со речиси 52%, постигнат е уште еден успех. Рака на срце, одзивот од речиси 46% покажува дека мнозинството граѓани сѐ уште се двоуми. Заев ќе може да постигне одржлива стабилност кога ќе ги исполни своите ветувања за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ… Путиновото здружување со националистите и десните радикали на јужниот Балкан не успеа благодарение на двете левичарски влади во Македонија и Грција. Нато го знае тоа. Тоа е удар и за политиката на популистите во Европа. Сето тоа би морало да ги увери и конзервативните партии во ЕУ дека левичарите на југоистокот од континентот се добри Европејци.“

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дава портрет на новоизбраниот македонски претседател, притоа уште во насловот оценувајќи дека Пендаровски „Не е занесеник“:

„Тој всушност сакал да биде кошаркар. Стево Пендаровски, роден во април 1963 година во Скопје, е висок и делува младешки. Рано се откажал од сонот да стане професионален спортист. ‘Јас сум рационален тип, не сум занесеник.

Никогаш не играв професионално, зашто сакав да победам, а не само да учествувам. Ако не сум меѓу најдобрите, ја менувам играта’, рече тој еднаш во едно интервју. Во играта која сега ја игра припаѓа на најдобрите, а во неделата и победи… Тоа што на крајот победи, е благодарение, меѓу другото, и на Албанците, кои сочинуваат една четвртина од населението во Македонија… Тоа што речиси две децении по крајот на конфликтите помеѓу словенско-христијанските Македонци и муслиманските Албанци на овој начин се надминати ‘етничките јазови’ е охрабрувачки знак за земјата. Со успехот на Пендаровски сега сите клучни позиции во Скопје се заземени од политичари кои сакаат да ја однесат земјата што е можно побргу во ЕУ и НАТО. Новиот претседател има доволно искуство. По студиите во Скопје (право и политички науки) работи една деценија во Министертсвото за внатрешни работи и е негов портпарол во времето кога земјата во 2001 година се најде на работ на граѓанска војна. Оттогаш Пендаровски важи за човек кој внимателно ги избира зборовите. Подоцна беше политички советник на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, што е за одбележување веќе поради самото тоа што тие двајца доаѓаа од различни политички табори. Таа бариера не се надминува лесно во Северна Македонија. Сега Пендаровски мора да докаже дека и како пртеседател ќе ги надмине јазовите и ќе успее да го обедини населението.“, пренесува Дојче Веле на Македонски.