23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Фото) Шилегов, амбасадори и неколку илјади граѓани ги засукаа ракавите и ги исчистија дивите депонии во Скопје

Неколку илјади граѓани, вработени во градската администрација, општините и јавните претпријатија, студенти од сите скопски универзитети, претставници од невладиниот сектор и од дипломатските претставништва, како и ученици во средните и од основните училишта се вклучија во масовната акција за расчистување диви депонии на територијата на Скопје, која се одвива денеска во сите 10 скопски општини. Во акцијата за чистење на локацијата пред хотелот „Вип“ се вклучија градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

-​Со масовноста на оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на граѓаните и да укажеме на штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии. Депониите не само што ја загрозуваат животната средина туку претставуваат и директна закана за здравјето на граѓаните. Државниот завод за статистика неодамна објави податок дека eден жител во земјава во текот на минатата година создал 412 килограми отпад, што е за 8,6 натсто повеќе од 2017 година. Токму поради тоа, Град Скопје годинава почна процедура за набавка на 540 статични контејнери за одлагање комунален отпад со капацитет од 3.200 литри – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека овој тип контејнери за прв пат се набавува во Град Скопје, а нивната најголема предност покрај многубројните унапредени функции е тоа што собираат три пати повеќе отпад од класичните контејнери што во моментов се користат во градот.

-​Ќе ја искористам оваа можност да упатам апел до моите сограѓани одговорно да постапуваме со отпадот и да го оставаме исклучиво на местата што се предвидени за тоа. Чистотата на нашиот град зависи пред се од одговорноста на секој од нас поединечно. Скопје може и мора да биде чист град, а тоа се постигнува само со одговорно однесување со ѓубрето што го создаваме. Само заедно можеме да си ја обезбедиме чистата иднина, заради нашето здравје, заради здравјето на нашите деца – нагласи Шилегов.

Акцијата со мото „Биди дел од чиста иднина“ е во организација на ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје. На активностите за чистење се придружија и вицепремиерот Бујар Османи, заменик-амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум и амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние.

Акцијата денеска се одвива истовремено на следниве локации:

Општина Гази Баба: Улица 808, од ресторанот „Дојрана“ кон „Фершпед“;
Општина Аеродром: Транспортен центар, кон ФПИОМ и кејот;

Општина Кисела Вода: Сала „Расадник“;
Општина Центар: Пред хотел „Вип“, наспроти МТВ и потегот кон МКЦ и кон МАНУ;

Општина Карпош: Семафорите пред Момин поток, потегот кон Амбасадата на САД;
Општина Ѓорче Петров: Игралиштата кај насипот, лево по семафорите кај „Тинекс“;
Општина Сарај: Паркот во близина на општината;

Општина Чаир: Топаана, раскрсницата меѓу улицата Џон Кенеди и булеварот Македонско-косовска бригада;

Општина Бутел: Серава, потегот кон Домот „25 Мај“

Општина Шуто Оризари: Последна станица на автобусот со број 19.