Обилните врнежи предизвикаа поплави на грчкиот остров Родос, особено во градот Архангелос и источните делови на островот. Поради зголеменото ниво на водата, противпожарните служби интервенирале за пренесување граѓани на безбедни локации, а во дел од островот наставата е прекината.
Грчките власти во раните утрински часови испратиле предупредување преку системот 112, повикувајќи ги жителите на Родос да го ограничат движењето. Невремето предизвикало оштетувања на патната инфраструктура, како и проблеми во домови и деловни објекти. Превентивно биле затворени училиштата во четири подрачја.
Проблеми со поплави се регистрирани и на островите Самос и Калимнос, како и во Волос. Противпожарните служби примиле десетици повици за испумпување вода, отстранување паднати дрвја и помош на граѓаните. Надлежните екипи остануваат ангажирани на погодените подрачја.


