8. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска и Тевдовски на пролетните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон

Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, учествува на пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ, Европската инвестициска банка (EИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
Во рамките на средбите се закажани одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршните директори на ММФ, Ентони де Ланој и Ричард Дорнбош, како и со шефицата на мисијата на ММФ за нашава земја, Џесмин Рахман.

Во фокусот на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат и монетарната политика, економскиот развој и економските показатели што ги следи централната банка, како и состојбите во банкарскиот сектор кај нас. Одделно внимание ќе ѝ биде посветено и на техничката помош што ММФ ѝ ја дава на Народната банка.

Постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу нашата централна банка и ММФ подетаљно ќе бидат анализирани и на состаноците што гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика и за монетарни и капитални пазари.

Истовремено ќе се дискутира и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка преку техничка и советодавна соработка во сферата на стандардите за статистичко известување и на моделите за економско проектирање.

Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно во дискусиите на средбите акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми, како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.

Можеби ќе ве интересира

Поднесено барање до пратениците за итно зголемување на минималната плата на 500 евра!

ДЕСК

ДРЖАВАТА ЌЕ ДЕЛИ КЛИМА УРЕДИ: Право на пријавување на јавниот оглас ќе има оваа категорија на граѓани

ДЕСК

Не запира растот на инфлацијата и трошоците на живот: За една година производите на мало се покачени за 5.3 проценти, а инфлацијата во споредба на јули со јуни е цели 1,1%

ДЕСК