7. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВМРО ДПМНЕ/Facebook
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Од изјавите на Заев се гледа дека Македонија нема да почне преговори во јуни

Го сменија името на државата, што според Заев беше единствената пречка за ЕУ-интеграција, а постои сериозен ризик поради нивната корупција да не почнат преговорите за членство во јуни, вели ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Самиот Зоран Заев вчера во интервју призна дека уште лани му било кажано оти овој јуни Република Македонија можеби ќе почне преговори. Заев почна да ја подготвува јавноста на својот неуспех на полето на реформите и економијата, па од фразата ‘во јуни почнуваме преговори’ се префрли на ‘можеби’, за само неколку минути подоцна да рече ‘не е битно дали септември или јануари, битно да почнеме’. По ваквите изјави на Заев повеќе од сигурно е дека Република Македонија нема да ги почне преговорите за влез во ЕУ во јуни и покрај сите лаги дека само името е пречка“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата оцени дека земјата се соочува со неуспех поради немањето капацитет да се спроведат реформите кои се потребни, лошата економска политика, партизираноста на судството и администрацијата, како и политичкиот прогон.

„Петстотини илјади граѓани живеат во сиромаштија, просечната плата падна за 1200 денари, се зголеми јавниот долг за над половина милијарда евра, политичкиот прогон стана пракса, се делат милионски тендери на фирми блиски до власта, единствен услов да се стигне до работно место е роднинската поврзаност со некој функционер од власта, а криминалот царува на улиците, тоа е Република Македонија со СДСМ, ни малку европска“, додаде ВМРО-ДПМНЕ.