20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Помпео: Годинава се подготвуваме за добредојде на Северна Македонија во НАТО

„За среќа, нашата бројка расте! НАТО обединува 29 нации. Оваа година се подготвуваме за добредојде за триесеттата – Северна Македонија“. Ова го истакна државниот секретар на САД, Мајк Помпео, спроти 70 години од основањето на НАТО, од местото на договорот, зборувајќи за современите предизвици за алијансата.

Помпео изрази задоволство што минатата седмица до американскиот Сенат е поднесен документот за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

Министерот Никола Димитров, кој се наоѓа во Вашингтон, оствари и директна средба со државниот секретар, при што Помпео непосредно му ја пренесе силната заложба на САД за приклучување на нашата држава во алијансата до крајот на годината.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во обраќањето на заедничкиот состанок на Конгресот, на кој присуствуваше и министерот Димитров, потенцираше дека е добро да се имаат пријатели. Во тој контекст, им се заблагодари на земјите членки за отвореноста кон Република Северна Македонија, не криејќи го задоволството од постигнатиот напредок на земјата кон остварување на крајната цел.

Во рамки на настанот NATO Engages: The Alliance at 70, Димитров, заедно со грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, дискутираше за улогата на лидерството во надминување на историски разлики, како клуч за разрешување децениски спорови.

„Силни сме колку што ни е силна армијата и економијата и колку што ни се силни демократските институции. Но, силни сме и толку колку што имаме пријатели! Никогаш веќе нема да одиме сами. Со нас ќе бидат 29 НАТО-сојузници – еден за сите, сите за еден“, порача Димитров.

По настапот следуваше интервју за „Гласот на Америка”, како и заедничко телевизиско гостување со министерот Катругалос во PBS News Hour. Беа остварени и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Турција, Белгија, Исланд, Италија и Словенија, со фокус на ратификацијата на Протоколот за НАТО.

Денеска се одржува состанокот на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, на кој за првпат во својство на поканета земја ќе учествува министер од земјата.