Заедничкиот кандидат за претседател на државата, Стево Пендаровски, денеска беше во посета на повеќе населени места, каде што се сретна со жителите на Пласница, Македонски Брод, Долнени, Лажани и Кривогаштани. На средбите Пендаровски со граѓаните разговараше за актуелни прашања, како и за потребата од претседател што достојно ќе ја претставува државата и ќе биде вистински претседател на сите граѓани.
„Подготвен сум да бидам достоинствен претставник на граѓаните кој ќе работи исклучиво во нивен интерес. Ова го ветувам јасно и гласно пред сите. Се обврзувам неуморно да работам на довршувањето на процесот на нашето зачленување во НАТО и да бидам предводник на реформските процеси што доведуваат до членство во ЕУ. Нашата земја нема друга алтернатива и шанса за побрз економски раст и развој“, порача, меѓу другото, Пендаровски.
Тој повика да продолжат позитивните промени, државата да не застанува, туку да продолжи напред кон развој, интеграција и напредок, кон ЕУ и НАТО.
„Позитивните промени што ѝ се случуваат на нашата држава мора да продолжат. Затоа, ве повикувам, заедно да продолжиме напред, обединети кон посветла иднина за нас и нашите деца. Ајде сите заедно да ја заокружиме евро-атлантската интеграција на Северна Македонија и да овозможиме брз развој, силен економски напредок и стабилна држава за секој од нас“, повика Пендаровски. Денешниот ден заедничкиот кандидат го заокружува со посета на Крушево во 18 часот и Прилеп од 20.30 часот, каде што ќе учествува на отворени трибини со граѓаните.