Регионот научи од своите грешки, непријателствата ги заменивме со сојузништво, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која денеска присуствуваше на прославата по повод 10-годишнината од влегувањето на Република Албанија во НАТО, што се одржа во Тирана.
Во рамките на прославата министерката Шекеринска учествуваше на конференцијата „10 години Албанија во НАТО – посигурен регион“, при што се осврна на нашето членство во НАТО и политиката на Владата за реализирањето на оваа стратешка цел за нашата држава.
Шекеринска рече дека во 2008 и 2009 нашата држава заедно со Албанија се движеше кон НАТО, но дека тогаш патиштата ни се разделија. „Тоа ни испрати два сигнала: првин дека стратешките цели се остварливи и дека политиката на отворени врати е реална, но, од друга страна, нè потсети дека ако се пропушти шансата, може да се случи да се пропушти една деценија, а тоа е токму она што ни се случи нам“, рече министерката.
Таа додаде дека сепак земјата направи извонреден напредок што нè доведе до исполнување на една од стратешките цели – членството во НАТО.
„За една и пол година Владата успешно ја врати земјата на евро-атлантскиот пат, направи сериозни реформи во одбраната, како и уште потешки политички реформи, што подразбира значителна инвестиција во добрите меѓуетнички односи. Се справивме со најтешките проблеми, а во минатото тоа беа односите со нашите соседи – првин со Бугарија, а потоа и со Грција. Вреди да се спомне фактот дека успеавме да пронајдеме решенија за долгогодишниот спор со Грција, а ова покажува дека во регионот не само што можеме да гледаме напред, туку можеме да бидеме креативни за изнаоѓање решенија за дури и најтешките проблеми“, рече Шекеринска.
Министерката се заблагодари за силната поддршка од Албанија во процесот на пристапување, како и за брзата ратификација на пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во алијансата.
„Најпозитивно беше тоа дека соседните земји во многу брзи и ефикасни процедури го ратификуваа пристапниот договор, а тоа кажува дека регионот научил од своите грешки. Повеќе не се гледаме себеси како непријатели, туку како најблиски сојузници. Вчера ја добивме и добрата вест од Вашингтон дека Белата куќа ги доставила предлогот и извештајот за ратификација на пристапниот протокол во Сенатот на САД“, истакна министерката.
Шекеринска рече дека членството во НАТО отвора нови перспективи, но и одговорности, кои сме подготвени да ги преземеме. „Нашата Влада одлучи да го зголемува буџетот за одбрана секоја година 0,2 проценти до 2024 година. Во минатото ние бевме дел од мисиите на НАТО заедно со Италија и со претставници од земјите од групата А5 во регионот. Повеќе од 4.000 наши војници инвестираа во глобалната безбедност во операциите предводени од алијансата“, додаде министерката.
Во однос на економскиот ефект од членството во алијансата, министерката истакна дека како и искуствата на земјите што веќе се членки на НАТО, и во нашата земја минатата година кога беше потпишан пристапниот протокол, странските директни инвестиции се зголемија четири пати во споредба со 2017 година, односно тие се двапати поголеми од досега најдобрите години според прилив на странски директни инвестиции.
Честитајќи ѝ уште еднаш на Албанија, Шекеринска рече дека регионалната стабилност и безбедност се во преден план на НАТО и изрази задоволство што и нашата земја станува контрибутор во мирот и просперитетот на Балканот.
На конференцијата, покрај домаќинот, албанската министерка Ољта Џачка, учествуваше и италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента.
Во рамките на прославата, албанското Министерство за одбрана за многубројните гости приреди воена парада и други свечени активности по повод десетгодишното членство во алијансата.