Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик напретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска учествуваа на 6-тата од серијата трибини „Фер општество – шанса за сите“ со граѓани и со претставници од бизнис секторотво Куманово.
„Со членството во НАТО и со датумот за почеток на преговори со ЕУ во јуни оваа година, никој веќе нема да размислува дека е подобро да живее надвор од татковината и младите луѓе ќе ни останат тука, во Република Северна Македонија“, потенцираше премиерот Заев во своето воведно обраќање пред бројните граѓани.
Стабилната иднина која со себе ја носи членството во НАТО, како што рече премиерот Заев веќе е извесна бидејќи 8 од 29 членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. „А европската иднина за Северна Македонија почнува за само неколку месеци, со почетокот на преговорите со ЕУ“, додаде Премиерот Заев.
Истакнувајќи дека сето ова е резултат на храброста и одлучноста со коишто се постигна договорот со Грција, пред граѓаните на Кумановскиот регион премиерот Заев посочи дека Република Северна Македонија е пример за останатите, како преку договор и дијалог се решаваат крупни сложени проблеми. Земјата, како што рече премиерот, создаде модел како се зајакнуваат добрососедските односи.
„Дипломатијата се води за граѓаните. Договорот со Грција е совршен пример и неговата имплементација веќе ги носи првите резултати, и сите ја чувствуваме рефлексијата. За помалку од 6 месеци од договорот, 2018-та година ја завршивме со 624, 5 милиони странски инвестиции, што е за 4 пати поголема сума во споредба со 2017-та година“, рече меѓу другото премиерот Заев.
Пред граѓаните на Куманово, премиерот Заев додаде дека од почетокот на работењето пред околу 21 месец, Владата е посветена на отворање на перспективите за Република Северна Македонија и за нејзините граѓани.
„Невработеноста во земјата е на историско најниско ниво и изнесува 19,4 отсто, што е намалување за 3,6% за само една година. Отворени се нови 26.600 работни места. Истовремено, исполнети се очекувањата на Владата, за раст на БДП во четвртиот квартал во 2018-та и тој изнесува 3,7%“. Платите и натаму растат. Иако очекувавме до крајот на 2020-та, верувам дека до крајот на оваа година просечната плата ќе достигне до 500-тини евра“, додаде премиерот Заев.
„Државата финансиски е стабилна и сега немаме повеќе изговори, мора да ги засукаме ракавите бидејќи не смееме да очекуваме дека резултатите ќе дојдат без работа и без труд. Република Северна Македонија може да биде достојно место за живеење. Создаваме услови, поради коишто сите ќе сакаат да останат тука“, заклучи премиерот Заев во своето воведно обраќање на денешната трибина со граѓани „Фер општество – шанса за сите“во Куманово.
На трибината учествуваше и заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој истакна дека реформите во областа на заштитата на човековите права без разлика на верската и националната припадност на граѓаните за остварување на концептот „Едно општество“, се врвен приоритет и Владата на Северна Македонијаго надградува и поддржува овој концепт за да постигне помирување во државата и да се изгради поголема доверба кај сите граѓани.
Потпретседателот на Владата, Спасовски посочи дека суштинските реформи кои се преземени, се со цел да се воведат нови вредности со кои ќе се врати довербата во институциите и партнерскиот однос меѓу нив и граѓаните.
„Ќе споменам само два настани кои се случија и кои го креираа таквото мислење на недоверба кон Министерството за внатрешни работи, а тоа е прислушувањето кога беа нарушени човековите права и настаните од 27-ми април во Собранието на Република Северна Македонија“, посочи вицепремиерот Спасовски додавајќи дека помина времето кога интересите на криминогените групи беа водени директно од власта.
Вицепремиерот Спасовски во своето обраќање се задржа на реформите на безбедносните служби, вклучително формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која, како што оцени е со цел да се надмине стравот на граѓаните дека државата нелегално следи и прислушкува, како и овозможениот систем на повеќестепена контрола од судската власт, од Парламентот и граѓанскиот сектор како придобивка за гарантирање на човековите права и слободен развој на економијата.
На трибината, граѓаните покажаа иницијатива за отворање на прашања, за кои не се разговара многу во јавноста, конкретно за заштитата на децата-жртви на сексуална злоупотреба, а за која тема вицепремиерот и министер за внатрешни работи Спасовски повика да се разговара и да се покренат прашања кои би донеле до конкретна стратегија за заеднички мултидисциплинарен пристап на решавање.
„Само продолжете така, Вие сте народен човек и со народот сте“, коментираа дел од граѓаните присутни на трибината, чиј статус како стечајци е решен и добиваат финансиска поддршка од државата.
„Нема повредна работа од младите да ги ангажираме и да ги вработиме овде. Жално е дома да имате дипломиран правник, 10 години што чека и сеуште да бара работа. И треба државата да го има комплетниот фокус кон тие наши млади луѓе за да им се понуди работа“, рече премиерот Заев на прашање од граѓаните во однос на можностите за вработување на младите луѓе од Кумановско, но и од целата земја.
Посочувајќи дел од проблемите со кои се соочуваат секојдневно, тема на интерес на денешната трибина во Куманово беше и состојбата со здравството во државата.
„Во сите наши анкети, здравството е најважно за граѓаните. Сите сме потенцијални пациенти и никој од нас не знае кога ќе има потреба од здравството, или некој член од семејството. Конечниот систем, којшто сакаме да го поставиме е систем каде што Фондот за здравство ќе го следи пациентот, односно јас за тоа што го плаќам, кога ќе се разболам јас, моето дете или член на семејството – мое право да биде каде ќе одам да се лечам“, одговори премиерот Заев.
Тој на трибината со граѓанитеденеска уште еднаш ги повтори мерките коишто ги донесе Владата, а коишто придонесоа за големи заштеди кај граѓаните, како што се евтината дневна тарифа за струја и укинување на радиодифузната такса. Тој исто така ги посочи и законските промени коишто доведоа до намалување на нотарските и извршителските трошоци од 50% до 70%. А водени од, како што рече премиерот Заев, солидарноста, се издвојуваат многу повеќе пари за имплементација на социјалните реформи. Во таа насока бројот на деца што земаат детски додаток од 3.200 порасна на 73.500, додека право на образовен додаток претходно имаа 3.800 деца, а сега тој број е 64 илјади.
Во своите обраќања пред присутните граѓани на трибината, премиерот Заев и министерот Спасовски посочија и дел од проектите коишто ќе се реализираат во следниот период, а коишто се важни за Куманово и кумановскиот регион, односно изградба на водоводи, канализации, регионални и локални патишта, спортски сали и детски градинки.