23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Германија реагира: Санкциите за „Северен тек 2“ се навреда за европскиот суверенитет

Берлин ја потврди својата поддршка за рускиот гасовод и покрај заканата од нови санкции на САД против европските фирми вклучени во проектот, пренесува „Спутник“.

„’Северен тек 2′ ќе биде завршен“, соопшти германското МНР.

„За европската енергетска политика се решава во Европа, а не во САД. Ние отфрламе какви било интервенции и екстратериторијални санкции“, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

Во меѓувреме, Германскиот економски комитет ги осуди санкциите против „Северен тек 2“ и ги нарече навреда за европскиот суверенитет и неприфатливо мешање.

Изјавата доаѓа во услови на најавени санкции од САД против проектот, кои неодамна беа додадени во Законот за овластување за националната одбрана на САД 2020 година. Т.н. закон за заштита на енергетската безбедност на Европа предвидува казнени мерки, односно санкции против компаниите што оперираат со високоспецијализираните бродови со кои се поставуваат цевките за гасоводот под Балтичкото Море.

Меѓу европските компании вклучени во проектот се германските енергетски фирми „Винтершал“ и „Унипер“, француска мултинационална „Енџи“, британско-холандскиот нафтен гигант „Ројал Дач шел“ и австриска енергетска компанија ОМВ.

Германското Министерство за трговија, пак, изрази жалење поради одлуката на американскиот законодавен дом да ги санкционира компаниите поврзани со изградбата на гасоводот. Портпаролката на министерот за економија, Петер Алтмајер, денеска истакна:

„Нашиот став кон екстратериторијалните санкции е јасен: ние ги отфрламе“.

Официјална Москва реагира веднаш со оценка дека станува збор за уште еден обид да се загрози спроведувањето чисто комерцијален проект. Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, коментирајќи го законот, рече дека обидите на САД да го загрозат овој проект е пример за нефер конкуренција.