Министерството за труд и социјална политики ги повикува компаниите да ги почитуваат обврските утврдени со законот и со колективниот договор, меѓу кои е и исплатата на К15 до крајот на годината.
„Исплатата на регресот за годишен одмор (К15) е право утврдено со спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Во спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец“, потсетуваат од Министерството.
Од таму ги повикуваат работниците неисплатата на К15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот иснпекторат за труд – 15 131.
„Напоменуваме дека во случаите каде што ќе се утврди дека не е постапено во согласност со Законот и колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки во согласност со законот“, велат од МТСП.