Главниот извршен директор на Salesforce, Марк Бениоф, има изградено огромна успешна технолошка компанија, која во голема мера е одговорна за воведување на идејата за софтвер како услуга (SaaS).
Неговиот водечки софтвер Sales Cloud го користат милиони стручњаци за продажба во повеќе од 100.000 компании вклучувајќи и некои од најголемите компании во светот. Оваа компанија генерира годишен приход над 13 милијарди долари и вреди приближно 143 милијарди американски долари.
Секоја година илјадници клиенти на Salesforce присуствуваат на годишната конференција на компанијата, што се одржува во Сан Франциско. На годинешната конференција Бениоф спомна нешто што е можеби најинтересно за водењето на компанијата. Верувале или не, тој прави сè од својот „Ајфон“.
Во интервју со извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, Бениоф рече дека воопшто не поседува компјутер.
„Телефонот навистина стана замена за мојата канцеларија. Каде и да сум, ако имам телефон, можам да работам“, рече тој.
Иако можеби звучи неверојатно дека некој може да управува со компанија вредна 143 милијарди долари од својот телефон, очигледно не е невозможно. Бениоф не е единствениот претприемач што признава дека неговиот мобилен телефон е неговата најважна алатка за бизнисот. Извршниот директор на „Твитер“, Џек Дорси, еднаш изјави дека повеќе не го користи компјутерот./Makfax