26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Европскиот парламент ја усвои Резолуцијата за почеток на преговори со Скопје и Тирана

Со 412 гласови „за“, 136 против и 30 воздржани, Европскиот парламент усвои Резолуција во корист на започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.

„Политиката за проширување на ЕУ е најефективниот инструмент за надворешна политика на Унијата, а понатамошното распаѓање на таа политика може да доведе до сè понестабилна состојба во непосредното соседство на ЕУ“, предупредува резолуцијата.

Резолуцијата донесена од страна на Европскиот парламент изразува разочарување од неуспехот на ЕУ да ги отвори пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија поради блокадата на Франција, Холандија и Данска, иако, според проценката на Европскиот парламент, двете земји ги исполниле условите за нов чекор на патот кон евроинтеграциите.

Се нагласува дека ваквата одлука од последниот самит е стратешка грешка, штетна за кредибилитетот на ЕУ и испраќа негативен сигнал до земјите кандидати во врска со добрососедските односи, како и дека отвора врата за други влијанија во регионот.

„Интеграцијата на земјите кои ги исполнуваат условите помага ЕУ да ја одржи својата меѓународна улога и да ги заштити своите интереси, а напредокот на патот кон ЕУ, исто така, има трансформативен ефект врз самите земји кандидатки“, стои во текстот на усвоената Резолуција.

Европскиот парламент жали што одлуката на Европскиот совет да не ги започне преговорите за пристапување со Скопје и Тирана ги поткопува напорите што ги вложил парламентот во процесот на проширување и Стратегијата за Западен Балкан./Makfax