24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Жерновски учествува на церемониите за интронизација на јапонскиот император Нарухито

Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во својство на личен претставник на претседателот на државата и официјален претставник на Владата учествува на церемониите за интронизација на императорот Нарухито што се одржуваат денеска и утре во Токио.

Во рамки на церемониите се одржуваат два свечени настани, односно официјалната церемонија на интронизација на императорот, проследена со свечен прием во Империјалната палата, како и официјален прием приреден од страна на премиерот Шинзо Абе.

На церемониите за интронизација учествуваат претставници на повеќе од 170 држави и меѓународни организизации, меѓу кои и претставници на сите светски кралски семејства, голем број шефови на држави, министри и останати високи претставници од целиот свет.

Церемониите на интронизација се најважниот настан во Јапонија и настан што се случува еднаш во 30 години. Претходната ваква церемонија, односно интронизациајта на императорот Акихито се случи во 1990 година.

Заменик-министерот Жерновски ги пренесе пораките на претседателот Пендаровски за добро здравје и долго и просперитетно владеење на имераторот Нарухито, а во името на македонските граѓани посака ерата Реива да биде долга и просперитетна за јапонскиот народ.

Македонија и Јапонија оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи, кои се карактеризираат со традиционално добри и пријателски билатерални односи. Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на нашата држава, а техничката помош се реализира преку проекти во различни области.