24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Филипче: Ги укинавме квотите за лекови и го унапредуваме здравството, на прав пат сме

Ги укинавме квотите за лекови, го унапредуваме здравствениот систем, на прав пат сме, изјави на прес-конференција во СДСМ, министерот за здравство, Венко Филипче, кој е и претседател на Комисијата за здравство на владејачката партија.

Тој рече дека од почетокот на месецов, граѓаните имаат достапни лекови во кој било период.

„Целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава. Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз овозможи достапни лекови за пациентите во секое време. Мерката што ја најавивме во нашата изборна програма веќе е реалност, обезбедувајќи квалитетни здравствени услуги и лекови согласно потребите на граѓаните. СДСМ е одговорна политичка партија затоа што го решаваме деценискиот проблем со недостатокот на лекови“, оцени Филипче.

Тој потсети дека во август почнала првата фаза од укинувањето во аптеките во Охрид, Ресен, Струга, Дојран и Гевгелија. Граѓаните на овие туристички места, рече Филипче, имаат редовен пристап до лекови во текот на целиот месец. Тие повеќе немаат страв дека може да останат без потребниот лек.

Министерот на прес-конференција истакна дека досега се подобрени условите во десетина јавно-здравствени установи, а следува подобрување на условите во други 34 ЈЗУ.

„За две години повеќе од 5000 согласности издадовме за вработување, а ги зголемуваме и платите на здравствените работници. Водиме вистинска грижа за пациентите со ретки болести. Воведовме 5 нови лекови за овие лица и значително го зголемивме буџетот. Од 213 милиони денари, на 485 милиони денари. Воведовме три нови инсулини. Дијабетичарите сега имаат обезбедени лекови со сертификат за квалитет, а до пред 2 години, тие добиваа лекови без сертификат за квалитет и без никаков ефект“, додаде Филипче.