23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Средба на премиерот Заев и Генералниот секретар на ОН Гутереш: Северна Македонија е синоним за победничките можности на дипломатијата и дијалогот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска се сретна со Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, како дел од агендата на македонската владина делегација на 74-тото Генерално собрание на ОН.

На средбата премиерот Заев ја потврди силната заложба на Северна Македонија за ефективен мултилатерализам и за јакнење на улогата на Обединетите нации во решавањето на сложените глобални предизвици, и во таа насока беше изразена поддршката за реформскиот процес инициран од Генералниот секретар чиј фокус е ставен на превенцијата на конфликтот, одржливиот развој и реформите во управувањето.

Во разговорот со Генералниот секретар Гутереш, исто така, беше истакнато дека Северна Македонија целосно ја поддржува широката визија на целите за одржлив развој како превенција не само од насилните конфликти и тероризмот, туку и од заканите што доаѓаат од климатските промени, миграциите и бегалските кризи, сајбер заканите и од другите хибридни закани за човештвото.

На средбата беше истакнато дека Владата на Северна Македонија е целосно посветена на спроведувањето на Агендата 2030 и на активностите за интеграција на целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните акциски планови.

Во разговорот премиерот Заев се заблагодари за поддршката на агенциите на ОН во нашата агенда во процесот на спроведувањето на сеопфатните реформи во Северна Македонија и го информираше Генералниот секретар на ОН за актуелната состојба во земјата и за објективните најави за старт за преговорите за членство во ЕУ, како и за процесот на финализација на протоколот за пристапување во полноправно членство во НАТО.

Посебна благодарност на средбата беше изразена за признанието за важноста на Преспанскиот договор во Годишниот извештај на Генералниот секретар на ОН Гутереш, кој беше оценет како резултат на победата на дипломатијата и дијалогот и како пример дека споровите можат да се решаваат врз основа на партнерство и пријателство во име на заедничкиот интерес за просперитет на народите.

Генералниот секретар на ОН Гутереш на средбата истакна дека се восхитува за договорот од Преспа и го оцени како историски успех со кој треба да се гордееме и кој отвора можности за напредок на земјата, и дека договорот беше важен чекор за скорешното членство во НАТО и за позитивната одлука на ЕУ за датум за старт на преговорите која се очекува во октомври.

Генералниот секретар покажа интерес и за концептот „Едно општество за сите“ и изрази поддршка за политиките на кохезија во неговото остварување и се заблагодари за позитивната улога на Северна Македонија во активностите на ОН, за поддршката на неговите иницијативи, како и за посветеноста на Агендата 2030 за целите за одржлив развој.