Македонија е фактички првата земја во регионот во која власта отвора институционален фронт со дезинформациите. Медиумски експерти и новинари од Србија, Грција, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Косово, во серија интервјуа за „Мета.мк“ во текот на изминатиот период, велат дека кај властите во нивните земји не се забележува заинтересираност за отпочнување или вклучување во борбата со лажните вести.
Македонскиот државен врв и официјално ја почна институционалната битка со справување со лажните вести. Претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Зоран Заев учествуваа на конститутивната седница на Акциската група за координација на институциите за борба против дезинформации, откако претходно Владата уште пред два месеца излезе со предлог Акцискиот план за овој проблем. Целта е преку два типа на мерки – безбедносни, кои опфаќаат ревидирање и создавање нови комуникациски протоколи, и проактивни, кои би произлегле од широка јавна дебата со вклучување на новинарскиот еснаф, да се превенира ширењето непроверени и лажни информации.
Но, каква е состојбата на овој план во државите од нашето опкружување?
Меѓународниот консултант за медиуми и цивилно општество со долгогодишно новинарско искуство Ненад Шебек, кој работел како директор на Фондацијата Хајнрих Бол, а претходно бил портпарол на Регионалниот совет за соработка, работел и како Извршен директор на Центарот за демократија и обнова на Југоисточна Европа, во разговорот за Мета.мк, говорејќи за состојбата во Србија со дезинформации и лажни вести саркастично вели дека дури и да има некаков план за борба против дезинформациите, „тоа би бил добар виц, бидејќи главниот манипулатор е самата Влада.“
На иста линија е и уредникот во „Истиномер“, како дел од тимот на „ЦРТА“, Синиша Дедеиќ, кој во интервју за „Мета.мк“ , прашан дали српската влада има план за борба против дезинформациите, вели дека власта и медиумите блиски до неа се најголеми производители на лажни вести во Србија и дека тоа не е само паушална оценка на оние кои ја „мразат“ актуелната власт, туку официјална проценка на медиумски експерти.
– Затоа своевремено како цинизам прозвучи предлогот на министерот за иновации и технолошки развој во Владата на Србија, Ненад Поповиќ, кој на претседателот на Србија Александар Вучиќ му достави „предлог за формирање работна група за одбрана од лажни вести – вели Дедеиќ, кој појаснува дека споменатата идеја се однесувала исклучиво на дезинформации на социјалните мрежи.
Во интервју за „Мета“ Теодорос Данилидис, основачот на „Ellinika Hoaxes“, најпознатата грчка веб-страница која се занимава со разоткривање на лажните вести и дезинформациите, вели дека земјава е честопати тема на голем број од дезинформациите што се пласираат во некои помали медиуми или на социјалните мрежи, но ниту една грчка влада не се обидела да спроведе какви било мерки за контрола на лажните вести во Грција.
– Повеќето од нив само го игнорираат проблемот. Минатата година, грчкиот јавен радиодифузен сервис (EPT) објави дека тие ќе воспостават механизам преку кој ќе ја проверуваат сопствената содржина. До денеска нема нови информации за оваа иницијатива- вели Данилидис.
Колорето Цукали, раководител на Албанскиот совет на медиуми, во интервјуто за „Порталб.мк“, вели дека најголемата фабрика за дезинформации во Албанија е албанската влада, градот Тирана и политичките партии.
– Владата на Албанија не планира да се бори против дезинформациите, бидејќи не може да се впушти во војна со себе. Но, го користи изговорот за борба против дезинформациите за да создаде механизми за контрола на онлајн медиумите, како што е т.н. законски пакет „против клевета“. Преку овој предлог-закон, владата има за цел да создаде механизми за контрола и казнување на онлајн-медиумите, за да ги угаси критичките гласови кон неа кои се, за жал, достапни само во онлајн-медиумите – истакнува Цукали.
Главната уредничка на „Faktoje.al“, служба за проверка на факти (fact-checking) во Албанија, Алма Јанка, во интервју за „Порталб.мк“, вели дека политиката во Албанија честопати е база за ширење лажни вести. За тоа дали Владата на Албанија има план за борба против дезинформациите, Јанка вели:
– Дури и албанската влада да има таков план, се чини дека не се видоа ефекти досега. Јас верувам дека постои постојан обид за дезориентација на јавноста, во време кога таа јавност има потешкотии да ја дознае вистината, а во не малку случаи јавноста е манипулирана од самата влада. Сегашната влада уште на почетокот на своето владеење (2013) тврдеше дека се водела интензивна пропаганда за дезинформирање на јавноста или граѓаните за да се создаде чувство на недоверба и несигурност. Мислам дека ваквата ситуација продолжува и се провлекува кај граѓаните, од целокупниот албански политички спектар, а не само владата – вели Јанка
Еден од основачите и сегашен претседател на Бугарскиот хелсиншки комитет (БХК), автор и редактор на голем број книги и публикации од сферите на меѓународното право за човековите права, социологијата на меѓуетничките односи, правото и образованието и естетиката и логиката, Красимир К’нев, вели дека бугарската влада нема никаков акциски план за спротивставување на дезинформациите и манипулациите.
– Напротив, некои кругови што се дел од неа, се активни распространувачи на дезинформации и манипулации. Тоа се однесува, на пример, на партијата ВМРО, која е дел од владејачката коалиција и којашто изигра активна улога во распространувањето на лагите и манипулациите за Истанбулската конвенција – потенцира К’нев.
И водителот и репортер на една од најголемите телевизии во Бугарија, бТВ, Иван Георгиев, во разговорот за „Мета.мк“ вели дека нема доволно политичка волја за справување со дезинформациите и медиумските манипулации во Бугарија. Како што посочува тој, тоа е така бидејќи, прво, политичарите на власт и бизнисите поврзани со нив имаат голема придобивка од сите негативни кампањи против независните гласила во земјата.
– Во ЕУ има неколку заеднички иницијативи, како и неколку европски платформи, коишто се обидуваат да допрат до локалните консументи на вести, но јас би рекол дека нивните резултати се минимални или и ги нема. Дури и да има вистински, специфичен план за борба против лажните вести и дезинформациите во Бугарија, јас не сум чул за таков – вели Георгиев.
Граѓанскиот активист, критичар на тековните состојби во Босна и Херцеговина и особено во Република Српска и редовен колумнист/блогер на порталот „Фронтал.ба“, Срѓан Пухало кој е доктор на психолошки науки во чие поле на интерес се политичката и социјалната психологија и истражувањата на јавното мислење, во интервјуто за „Мета.мк“ говори и за дезинформациите и за злоупотребата на медиумите, како и за тоа колку се властите во БиХ активни на тоа поле.
– Во БиХ има три нивоа на власт и тешко е да се пофаќа кој што прави, но тешко е да се очекува дека власта ќе застане пред оваа непогода, кога тие изобилно ги користат тие дезинформации за да останат на власт. Тие декларативно се згрозени од сето тоа, но ништо не преземаат на тој план -оценува Пухало.
И Тијана Цвјетичанин која е дел од тимот на босанските сервиси за проверка на факти „Раскринкавање“ и „Истиномјер“ вели дека властите во Босна и Херцеговина немаат план за борба против лажните вести. Споед неа, постојат некакви приказни за зголемување на медиумската писменост, но тие се многу повеќе во граѓанското општество и во академските кругови отколку во институциите .
– Што се однесува до препознавањето на дезинформациите како конкретна тема со којашто би требало да се занимаваат институциите, навистина не гледам дека постои нешто такво. Ги имаме оние стандардни работи, од типот на Регулаторна агенција за комуникации којашто има свој кодекс на емитирање, тоа е така веќе 20 години и тука немаше никакви значајни иницијативи – посочува Цвјетичанин.
Главниот уредник на „Приштина Инсајт“ (Prishtina Insight), Ералдин Фазлиу, во интервју за „Порталб.мк“ вели дека во Косово најчесто дезинформациите доаѓаат од косовските политичари. Според Фазлиу косовската влада нема некоја посебна активност за боба против дезинформациите.
– Дури, тоа што ја прави ситуацијата полоша е дека голем број ресори на Владата плаќаат реклами во непознати и нерегистрирани онлајн медиуми. За политички маркетинг и нивните политички активности одредени министерства плаќаат некредибилни медиуми. Дури зад ваквите медиуми стојат луѓе од самите министерства – вели тој.
Пишува: Оливера Војновска
извор Мета