Советот на јавни обвинители на вечерашната вонредна седница едногласно ја разреши специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која е третоосомничена за случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор.
За нејзино разрешување гласаа сите осуммина пристуни членови на Советот.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, по завршувањето на седницата изјави дека едногласно било одлучено Јанева да се разреши од функцијата Специјален јавен обвинител поради нестручно, незаконско и несовесно работење.
Претходно денеска, со 102 гласа „за“, и ниту еден „воздржан“ или „против“, пратениците во Собранието исто така донесоа одлука за разрешување на специјалната јавна обвинителка.
По ова, претседателот на парламентот, Талат Џафери, ја испрати одлуката до Советот на јавни обвинители, каде со вечерашното гласање е целосно завршен процесот за разрешување на Јанева.
Мандатот како специјална обвинителка ѝ завршуваше, утре (15. септември).