23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Спасовски: Со зајакнување на истражните центри до спроведување на владеењето на правото

Основната задача на Истражните центри треба да биде ефикасно и ефективно спроведување на кривичната постапка, за која се надлежни јавните обвинители, нагласи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој се обрати на промоцијата на твининг-проектот „Градење на институционалниот капацитет на Истражниот центар“ – ИПА 2016.

„Поентата е Истражните центри да овозможат и суштинска независност и самостојност на јавните обвинители во истражувањето на случаи од висок профил на закана, како што се организиран криминал, корупција, перење пари и други национални и транснационални закани“, рече Спасовски.

Покрај обезбедување услови за водење ефикасни и мултидисциплинарни истраги од коишто во иднина ќе се обезбедува цврста евиденција за обвиненијата презентирани пред судовите, министерот за внатрешни работи нагласи дека на овој начин истовремено ќе се овозможи и подобра заштита на човековите права за лицата во предистражните и истражните постапки, како и во судските процедури.

„Само така ќе може да се остварат сите премиси за практично спроведување на владеењето на правото, а преку тоа и за целосно враќање на довербата на граѓаните кон институциите на системот“, подвлече Спасовски.

Твининг-проектот, финансиран од Европската Унија, кој го спроведува Германската фондација за меѓународна правна соработка (IRZ) во партнерство со Министерството за правда на Хрватска, започна во мај 2019 година и ќе трае 24 месеци.