9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Глас за Македонија: Доколку се докаже дека Палевски е виновен, нема да застанеме во негова одбрана

Доколку се докаже дека кај Љупчо Палевски постои кривична одговорност, ние како политичка партија во никој случај нема да застанеме во негова одбрана, велат од Глас за Македонија, по информациите за апсењето на бизнисменот Палевски.

„Партијата Глас за Македонија најжестоко се бори против секое криминално дејство и однесување во целото општество и во тој контекст, нема да биде поштеден ниту еден нејзин симпатизер, член или функционер. На таквиот не му е местото во нашите редови“, велат од партијата.

За притворањето на Палески на аеродромот во Белград, велат дека дознале од медиумите.

„Од неговиот адвокат ги добивме следните информации: На ден 12.09.2019г. Љупчо Палевски бил приведен на аеродром ‘Никола Тесла’ во Белград согласно потерница од суд во Хрватска заради обезбедување присуство на Палевски пред суд во Хрватска, наводно за постапка поведена од физичко лица за износ од 2.500,оо евра во врска со испорака на произведен котел на пелети. Тој требало да се појави како странка, за која не е докажана вина. Според неговите сознанија, Љупчо Палевски на ден 12.09.2019г. патувал преку Белград за Москва заради склучување договор за испорака на котли на пелети, со што се занимава трговското друштво на Љупчо Палевски. Се очекува деновиве да се расчисти ова недоразбирање и Палевски да биде ослободен“, велат од партијата и додаваат дека не располагаат со други информации.

Глас за Македонија ќе ја чека правната разврска за да постапи, како што велат од таму, соодветно на нејзините цврсто зацртани цели. Додаваат дека соработката со движењето „Трета“, како и со многу други граѓански движења продолжува.