23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Пред турски бизнисмени беа презентирани можностите за инвестирање во земјата

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска оствари работна средба со бизнис-делегација од Република Турција, предводена од заменик-министерот за земјоделство и шумарство, Мехмет Хади Тунк, и претседателот на Асоцијацијата на извозниците на свежо овошје и зеленчук, Хајретин Учак, која престојува во дводневна посета на нашата земја.

На средбата двете страни изразија задоволство од досегашната соработката, која се одвива во духот на традиционалното пријателство, и потврдија продолжување на позитивниот пристап за продлабочување на економската соработката на конкретни полиња од заемен интерес.

Апостолска ги претстави владините економски политики и можностите што ги нуди планот за економски раст за реализација на инвестиции во земјата. Во контекст на економските политики и поддршката за реализација на нови инвестиции, таа истакна дека Владата овозможува значајна финансиска поддршка за компаниите преку транспарентни процедури и ги охрабри турските стопанственици да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја, при што порача дека Владата им стои на располагање за целосна институционална поддршка во развивањето и реализацијата.

Од страна на бизнис-делегацијата беше искажан интерес за реализирање инвестиции во делот на земјоделскиот сектор, поконкретно во делот на преработка и конзервирање зеленчук и овошје, каде што гледаат особено голем потенцијал.

Заменик-министерот за земјоделство и шумарство, Мехмет Хади Тунк, во своето обраќање потенцира дека Република Турција како и досега ѝ дава силна поддршка на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, притоа истакнувајќи дека се отвора голем простор за натамошно продлабочување на односите на економски и инвестициски план, како и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

Во рамките на посетата министерката Апостолска беше придружувана од страна на градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, како домаќин на турската бизнис-делегација.