10. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кежаровски бесен во Суд: Вака исто како да ме осудивте на доживотен затвор

На новинарот Томислав Кежаровски нема да му се суди за случајот „Ликвидација“, поради застарување на кривичното дело. Судењето запира и за поранешниот истражен судија Валентин Зафиров, за адвокатот Сашко Лазаров и за Јане Павловски – Тица.

-Јас сакам шанса да докажам дека сум невин и судот да ме ослободи, односно да добијам ослободителна пресуда, а не поради застарување или примена на поблага законска одредба, судењето тука да запре. Го замолувам судот, да ги погледне доказите и да види дека никогаш не го открив идентитетот на заштитениот сведок и не го открив неговиот телефонски број. Барам шанса да ја докажам вистината, рече револтирано Кежаровски во судница, пренесе Фокус.

Вели по втор пат го осудиле и тоа на доживотно зошто немал право да се брани.

-Сега сум осуден по втор пат и тоа на доживотна казна затвор, бидејќи немам право да се жалам и да ја барам правдата. Ова значи дека се било залудно. Засекогаш ќе се закопа и полициската местенка на лажниот сведок во „Ореше“, рече тој.

Случајот „Ликвидација“ се однесува за предметот кој е поврзан со убиството на Лазар Милошевски од 2005 година во велешко Ореше, во кој вкупно осум лица беа осудени за различни кривични дела.

Во 2013 година обвинетиот Валентин Зафиров доби казна од пет и пол години за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците и противправно посредување, а новинарот Томислав Кежаровски – четири и пол години затвор, бидејќи според пресудата тој во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ го оддал идентитетот на заштитениот сведок во овој судски предмет.