3. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Димитров: По десет препораки за преговори, редно е ЕУ да донесе позитивна одлука

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на вториот ден од Бледскиот Стратешки Форум учествуваше на панел дискусија на која порача дека Брисел своите заложби од зборови треба да ги преточи во дела и дека после десет препораки за преговори, ЕУ треба конечно да донесе позитивна одлука за земјава.

На панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност”, македонскиот министер се осврна на нужноста од забрзана европска интеграција на Северна Македонија и регионот.

Димитров истакна дека оваа прилика не смее да се пропушти и дека е вистинско време за критичен исчекор. Алудираше дека времето истекува и во овој контекст сугерираше дека покрај зборови, неминовни се и дела.

„После десет, повторувам десет препораки на Европската комисија дека сме подготвени да почнеме преговори за членство, со решение на нерешливото прашање поради кое изгубивме цела генерација, постигнувајќи европски компромис, ЕУ треба конечно да донесе позитивна одлука“, порача тој.

Министерот денеска имаше и билатерална средба со Жан Кристоф Белијар, заменик-генерален секретар за политички прашања во ЕЕАС, а оствари средба и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.

За време на Форумот, Димитров имаше куси разговори и со шпанскиот колега, Жосеп Борел, номиниран за функцијата Висок претстсавник на ЕУ за надворешена политика и безбедност, со премиерот на Словенија, Марјан Шарец и со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу.