Претседателот на Владата, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата и министер за внатрешна работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се обратија на свечената промоција на нови полициски службеници на спортското игралиште во Центарот за обука во Идризово.
Во своето поздравно обраќање премиерот Зоран Заев им честиташе на најновата генерација на 528 нови полициски службеници за успешното завршување на едногодишната основна обука за совладување на потребните компетенции за полициски службеници во Центарот за обука на МВР, со среден успех од 530,92 бодови, од вкупните 600, што говори за високата мотивација во исполнувањето на професионалниот ангажман во редовите на полицијата, како и на инструкторите од Центарот за обука на МВР за успехот во создавањето на уште една генерација полициски службеници и грижата да обезбеди континуитет на професионалните ресурси.
„Уверен сум дека обуката ве подготви да ги извршувате задачите најдобро што можете. Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зашто е во служба на заштитата и на услуга на граѓаните. Зашто е во насока на заштита на правото и правната држава. Извршувајте ги вашите обврски со интегритет и видлива компетенција за да бидете пример и да ги охрабрите другите во оваа благородна и одговорна мисија. Така лично ќе ја стекнете довербата на граѓаните и на тој начин ќе учествувате и во подигањето на довербата на граѓаните во полицијата“, порача премиерот Заев посакувајќи им на новите полициски службеници успешна кариера во редовите на Министерството за внатрешни работи.
Спасовски исто така им честиташе на новите колеги во Министерството за внатрешни работи и додаде дека полицијата е во период на реформирање и целосно нејзино сообразување со модерните трендови и стандарди на работење на европските полициски служби.
„Во изминатиот двегодишен период ние конкретно покажавме дека МВР има професионалци, има капацитет и потенцијал далеку поуспешно да ги остварува своите законски надлежности и задачи. Поквалитетното организационо, структурно менаџирање, но и менаџирањето со човечките ресурси, дава резултати кои што се евидентни, мерливи и проверливи, притоа подигнувајќи ги повисоко нивоата на полициска ефикасност во сите сфери од работењето“, истакна министерот Спасовски, порачувајќи им на идните полициски службеници, преку сопственото поведение и труд да покажат дека полицијата како институција е исклучиво во служба на сите граѓани, независно од нивните лични определби, уверувања, или други различности.
„Очекувам дека знаењата и вештините што ги стекнавте изминатава година преку интензивна обука, брзо ќе ги примените во организационите единици каде што ќе бидете распоредени, дотолку повеќе што полицијата има и тоа како потреба од млади и нови луѓе, амбициозни и волни за професионален развој и напредок.
Во насока на уште поквалитетно стимулирање и мотивирање на сите идни наши колеги, одлучивме годинава, за прв пат, на десетте најдобро рангирани кандидати за полициски службеници, Стефан Јанушевски, Марко Стефановски, Даниел Андоновски, Марин Смилески, Папи Пандов, Антонио Баткоски, Коста Ѓорѓиевски, Стефани Заевска, Благојче Јанкуловски и Дарко Трајановски, да им овозможиме право на избор на организациона единица каде што би го почнале својот професионален пат во Министерството за внатрешни работи“, рече министерот Спасовски.
На свечената промоција на нови полициски службеници се прогласија најдобрите кандидати од класа на кои им се доделија плакети, после што се обрати најдобриот кандидат од класата, Стефан Јанушевски.
Официјалниот дел од церемонијата заврши со давање на свечена изјава од страна на новите 528 полициски службеници.