Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше на свеченоста по повод пуштањето на 4 еко автобуси кои се вклучуваат во системот на јавниот патнички транспортен систем во Општина Прилеп.
Премиерот Заев на настанот, на кој учествуваа и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Марија Цветаноска, истакна дека овој настан е дел од промоциите на проекти, мерки или решенија кои се од директна придобивка за здравјето на граѓаните и за заштита на животната средина со кои Општина Прилеп обезбедува еколошки, пријателски јавен транспортен систем за сите прилепчани.
Претседателот на Владата на РСМ Заев потенцираше дека станува збор за систем кој низ годините што претстојат ќе обезбеди еколошки чист, безбеден и ефикасен јавен сообраќај, на големо задоволство на граѓаните и на општината.
„Екологијата е важна работа во државата и овие четири, нови автобуси навистина Прилеп ќе го направат еколошки град, многу позначаен, знаејќи дека преку тоа го штитиме здравјето на граѓаните. Сакам да им честитам и на сите во Општината, коишто управуваат со општинските пари, за оваа сериозна инвестиција, многу важна, којашто покрај тоа што овозможува еколошки транспорт на граѓаните од една дестинација до друга низ Прилеп, секако ја испраќа пораката до сите нас граѓаните, до целата држава, за еколошките вредности, за важноста за здравјето на граѓаните за коешто треба да бидеме посветени сите ние“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев нагласи дека тој, и Владата на Република Северна Македонија, и понатаму ќе продолжат да се фокусираат на еколошките активности , и да работат заедно со општините на обезбедување квалитетни услуги за граѓаните.
„Сакам да ја информирам јавноста дека ми е драго како претседател на Владата што општините се вклучуваат во сите овие еколошки активности. Владата веќе ја подготвува програмата за субституција во неколку града, којашто ќе почне пред грејната сезона за замена на грејните тела на фосилни горива со високо вредностните инвертори и други системи за еколошко греење и ладење, коешто како огромен проект веќе се развива во во владините институции и владините јавни претпријатија“, рече премиерот Заев.
На оваа пригодна церемонија изјави за медиумите имаа и градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски и директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Марија Цветаноска кои истакнаа дека со новите автобуси значително ќе го подобрат јавниот превоз во градот, кој освен квалитетен градски превоз ќе придонесе и за поздрава животна средина.