Мицотакис е искусен политичар кој секако размислува за доброто на неговата земја и неговите соседи, како и на целиот балкански регион, изјави премиерот Зоран Заев, во интервју за грчката „Алфа“, направено три дена пред изборите во Грција.
Во интервјуто објавено во два дела, Заев зборува за Преспанскиот договор, за зближување на народите, за економска соработка, како и за неговото пријателство со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Според Заев, во Македонија тој ќе остане запаметен како човек под чиешто лидерство се сменило името на земјата. Тој нагласува дека, во зависност од тоа како се гледа договорот низ призмата на двете земји, може да се каже дека истиот е подеднакво добар или подеднакво не е добар, но верува оти сите заедно ќе гледаат напред кон иднината.
Заев истакна дека внимателно ги следи изјавите на Мицотакис и бил свесен за неговиот коментар дека договорот не бил добар.
„Мицотакис е искусен политичар и секако размислува за доброто на неговата земја, неговите соседи и целиот балкански регион“, рече Заев.
Македонскиот премиер коментираше дека Грција е нов пријател и стратешки партнер, а тоа не е мала придобивка од договорот.
„Јас сум човекот кој ќе остане запаметен во Северна Македонија, дека под негово лидерство се сменило името на нашата земја. Но, како што е во семејството, понекогаш во животот треба да направите некои чекори, не толку среќни што ќе бидат за доброто на децата, за добрата иднина на семејството, но исто така и за соседите. Ги преземате овие чекори заедно. Сега имаме нов пријател и стратешки партнер Грција. Дали е ова мала придобивка? Тоа е голема работа за мене“, рече Заев.
Како доказ за придобивките од Преспанскиот договор, македонскиот премиер истакна дека трговијата во двете земји е зголемена за 20,5 проценти за само една година.
„Доколку досега граѓаните на Македонија направиле еден милион посети на Грција годишно, годинава ќе има повеќе од еден милион и пол посети“. Во интервјуто, Заев се осврна на неговото пријателство со претходниот грчки премиер и истакна дека пријателството треба да постои меѓу народите на двете земји.