Граѓаните првпат имаат можност да побараат поврат на 15 проценти од платениот Данок на додадена вредност (ДДВ) откако почна примената на владиниот проект „Мој ДДВ“.
Можноста за поврат на 15 отсто од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани со наполнети 15 години кои се регистрирани на системот на Управата за јавни приходи. Ќе треба да ги земат фискалните сметки на продажните места и да ги скенираат преку мобилен телефон и да ги испратат на апликацијата што ќе биде достапна на страницата на УЈП.
Управата за јавни приходи предвидела дел од манипулациите кои можат да се случат со спроведување на проектот „Мој ДДВ“, како на пример во кафуле ако келнерот ја земе сметката.
-УЈП при креирање на самиот проект обрна посебно внимание да нема манипулации. Не можеме да гарантираме доколку фискалната сметка граѓаните ја предадат или ја остават и не го искористат своето право. Имаше прашања што доколку при издавање на фискалните сметки келнерот претходно ја скенира, начинот на разрешување е исто како да добиете невалидна сметка со повеќе искуцани артикли. Значи треба да се скенира сметката. Доколку видите дека вашата сметка е искористена, треба да побарате сторнирање на сметката и издавање на нова – изјави Ивана Дончевска од УЈП за ТВ21.
Законот за враќање на дел од ДДВ беше усвоен минатата недела во Собранието. Проектот што е насловен „Мој данок моја заштеда“ и е дел од изборната програма и Програмата за работа на Владата. Целта, како што образоложија од Владата, е да се вратат пари кај граѓаните, да се намали сивата економија и да се елиминира даночното затајување. Се проценува дека дури 98 отсто од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ, а за два отсто од најбогатите ќе има лимит.
Апликацијата може да ја преземете ТУКА.
Засега апликацијата е достапна само за „Андроид“.