Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој ја предводи делегацијата во чиј состав се потпретседателот Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ – Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски, претседателот на пратеничката група за соработка со Народна Република Кина, Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, во официјална посета на Народна Република Кина, денес, во Шангај, се сретна со Донг Јунху, претседател на шангајскиот комитет на Кинескиот народен политички консултативен совет.
Клучните функции на Советот вклучуваат консултации за фундаменталните политики и принципи на национално и локално ниво за најважните прашања од политичкиот, економскиот, културниот и од социјалниот живот во процесот на донесување на законите и следење на нивната имплементација.
„Донг истакна дека, иако географски оддалечени, двете држави негуваат одлични билатерални односи и остваруваат соработка во разни области. Тој подетаљно ги запозна гостите со развојот на Шангај и со неговата улога на лидер во земјата по реформите и иновациите и изрази подготвеност за споделување на сите искуства и добри практики. Во однос на одржувањето на ЕКСПО за извоз и увоз, кој до крајот на годината треба да се одржи во Шангај, Донг истакна дека би сакал и Република Северна Македонија да учествува и да ги претстави своите производи и услуги на светскиот саем“, соопштија од собраниската прес-служба.
Џафери изразил задоволство што односите меѓу Северна Македонија и Кина се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување, а фактот што официјалната посета на НР Кина почнува во Шангај го оцени како своевидно охрабрување за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.
„Двајцата соговорници изразија уверување дека добрите политички односи ќе бидат добра основа за понатамошно развивање на економските односи како на билатерално ниво така и во рамките на процесот за соработка 17+1 на НР Кина и земјите од источна и централна Европа“, се вели во соопштението.