Претседателот на Владата, Зоран Заев, во придружба на заменик-претседателот на Владата задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, денеска и утре ќе престојува во Берлин, како почесен гостин на годишниот прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство во Берлин, и ќе учествува на економскиот форум во организација на здружението.
Премиерот Заев денес, на свечениот годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство ќе има свое обраќање на тема „Реформите во стопанството и општеството – Патот на Северна Македонија во ЕУ“, и ќе учествува во панел-дискусијата насловена „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ – перспективите за регионална соработка“.
Утре премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев ќе се сретнат со повеќе високи претставници на дел од најголемите компании на СР Германија, во рамките на работниот состанок посветен на инвестициските можности во Република Северна Македонија.
На претседателот на Владата на Република Северна Македонија во Берлин, на вториот ден од посетата, ќе му се придружат и заменик-претседателот во Владата на РСМ за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со кои е предвидено да оствари средба со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел.