23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Најнова вест: Полицијата го приведе државниот секретар во МИОА за земање мито

Во текот на денешниот ден, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминална Министерството за внатрешни работи по наредба на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координација со италијанското обвинителство од Милано, а со поддршка на ЕУРОПРАВДА, спроведува координирана полициска операција за обезбедување докази за „примање поткуп“ од страна на двајца државни службеници Ј.Ј. (46) од Липково и Ј.Г. (52) од Скопје при избор на правно лице за спроведување на проект финансиран од страна на ИПА фондовите.

Заради обезбедување докази во правните лица кои биле инволвирани во криминалните дејствија, спроведени се симултани претреси во Република Северна Македонија и во Република Италија и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Р.Италија. Притоа Министерството за внатрешни работи привремено одзеде повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација, а еден осомничен е лишен од слобода.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица – именуван функционер во органите на државната управа и поранешен раководител на одделение во истиот орган на државна управа. За осомничените, македонски државјани, постои основано сомнение дека во повеќе наврати сториле кривично дело – Примање поткуп предвидено и казниво согласно чл.357 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.45 од Кривичниот законик.

Имено, криминалистичката истрага активно се спроведуваше во изминатите два месеци во соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА, како и повеќе различни држави Италија, Холандија, Романија и други европски земји. Предметот е од меѓународни димензии и е инициран од страна на Европската служба за спречување измама – ОЛАФ која преку Јавното обвинителство во Милано, Италија, достави замолница за меѓународна правна помош до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. По наредба на надлежен јавен обвинител, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе истражни дејствија и обезбедување докази во врска со нерегуларности, измами и корупција во неколку проекти спроведени во различни институции во нашата држава, финансирани од Европската Унија. Извршени се проверки и потврдување на сомненијата за корупција при доделување на ИПА Фондови во износ од 1.2 милиони евра, во период 2014-2016 година, каде инволвирани биле двајца македонски државјани, а дејствијата биле извршени во Италија, Холандија, Обединето Кралство, Романија и во други европски земји. Во рамките на истрагата во ЕВРОПРАВДА во Хаг беше одржан и координативен работен состанок заради размена на првични информации и донесување заклучоци за спроведување заеднички координирани активности за обезбедување докази во Република Италија и Република Северна Македонија.

Осомничените како службени лица, во периодот од јуни 2014 година до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин советник во правното лице и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7000 евра за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат. Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите за работење на правното лице – апликант на тендерот, му овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка осомничените иако знаеле дека споделувањето на информации со апликанти или потенцијални апликанти во тендерски постапки е противзаконито, го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на правното лице му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.

Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерство за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконито службено дејствие првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од правното лице во два наврати примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, со што се стекнало со значителна противправна имотна корист. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари и се стекнало со поголема противправна имотна корист.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежен јавен обвинител до Судијата на претходна постапка при Кривичниот суд – Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против првоосомничениот кој во 2005 година бил гонет за кривично дело Злоупотреба на избирачкото право по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик. Второосомниченото лице во моментот не се наоѓа на територијата на нашата држава.