27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Драмски аматерски фестивал од 27 мај до 1 јуни во Кочани

Од 27 мај до 1 јуни во Кочани ќе се одржи по 60. пат познатиот Драмски аматерски фестивал – ДАФ. Фестивалот се фокусира на македонските аматерски театарски групи, но во последните години, стана препознатлив и надвор од границите на земјава, па пријавите за учество на фестивалот расте.

Приоритетот на домашната продукција останува, но ќе има и гостувања од САД, Србија, Грција, Бугарија… А фактот дека фестивалот годинава одбележува голем јубилеј покрај театарската програма, предвидени се и настапи на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби и промоции на книги.

Во официјална конкуренција се 16 селектирани театарски претстави од Македонија и странство. Оваа година по втор пат селекцијата ја направи актерката Јасмина Билаловиќ. Од големиот број пристигнати пријави, кој годинава ја надмина бројката од 40 претстави таа направи избор од 16 претстави, кои ќе бидат изведени во рамките на шест фестивалски денови.

На првиот фестивалски ден публиката ќе може да види две професионални претстави (вон конкуренција), кои имаат за цел да го поткренат ендрофинот на кочанчани, едната е „Човекот“ пантомима на Трајче Ѓеоргиев, актер од МНТ и хит претставата „Вардарски Пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на Театар Комедија. Во следните фестивалски денови на програмата се претстави, кои ќе се борат за награди меѓу кои: „Театар Чекори“ од Скопје со претставата „Ние“, АТ „Колектив ветерница“ од Скопје со „Робоград“, гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид со „Странци“, аматерскиот театар „Репетициона 04“ од Штип со „Недоразбирање“, театар „Дунек“ од Гостивар со „Бенг бенг и мртов си“ и уште многу други…

Предвидени се и гостувања од странство. Од Република Србија, гостува Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ – Прокупље, а на затворањето гостува ДАХ театар од Белград со дипломирани студенти од белградската академија, под менторство на Мирјана Карановиќ (го играат ММЕ од Дејан Дуковски). Истиот ден на последниот ден од фестивалот гостува Македонскиот културен центар во Софија и монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов.

Покрај драмската програма ќе има настапи и на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби, промоции на книги…

Последната вечер ќе бидат доделни наградите. Тричлена комисија на фестивалот доделува награда за главна машка и женска улога, споредна машка и женска улога, Награда за уметничка иновација и истражување во аматерскот драмски израз, награда за најдобра режија и за најдобра претстава „Васил Ќортошев“.