Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
На средбата, премиерот Заев упати честитки за стапувањето на функцијата и му посака успешна работа на претседателот Пендаровски.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во државата и за идната соработка меѓу двете институции. Претседателот Пендаровски и премиерот Заев се заложија за конкретна и суштинска соработка меѓу Претседателот и Владата со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО.
Претседателот и Премиерот ја нагласија потребата за усогласен и заеднички настап на меѓународен план и интензивирање на реформските процеси во државата со цел остварување на европските и евроатлантските перспективи на Република Северна Македонија и подобрување на животниот стандард на граѓаните.