Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на Европската организација за нуклеарни истражувања, популарно позната по кратенката ЦЕРН.
Делегацијата, предводена од Проф. д-р Кристоф Шафер и д-р Тадеуш Куртика, високи советник во Одделението за меѓународни односи на ЦЕРН, во придружба на министерката за наука на Црна Гора Сања Дамјановиќ, која воедно е и член на Надзорниот Одбор на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST), кој како регионална организација во која членува и нашата земја, учествува во заеднички проекти иницирани од Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН), е во посета на Северна Македонија за да се направат последните подготовки за обнова и потпишување на Договорот за меѓународна соработка меѓу Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) и Владата на Република Северна Македонија.
На Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев денеска му беше упатена покана да го посети ЦЕРН и во Женева, Швајцарија, каде што ќе се одржи церемонијата на потпишувањето на обновениот договор, кој за нашата земја го обезбедува континуитетот на учеството на наши научници и студенти во многубројните проекти од врвно значење за науката и технологијата.
Премиерот Заев со задоволство ја прифати поканата, и додаде дека оваа соработка на нашата земја со Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) е од огромно значење за научната и академската јавност во Северна Македонија, и од огромно искуство за 22 студенти од нашата земја кои досега биле корисници на програмите на ЦЕРН.
Министерката за наука на Црна Гора, и член на Надзорниот Одбор на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST) Сања Дамјановиќ, на средбата изрази благодарност на подготвеноста на Владата и на Претседателот на Владата на РСМ Заев, да ја поддржат иницијативата научни работници од нашата земја да земат учество во проектот Хадронска терапија на ракот и биомедицински истражувања со протони и тешки јони (Hadron Cancer Therapy and Biomedical Research with Protons and Heavy Ions), како проект на земјите членки на Институтот (SEEIIST) во кој членува и Република Северна Македонија.